
Како Австрија се бори со буџетскиот дефицит
Австрија важи за една од најстабилните економии во Европа, земја со развиен систем, солиден социјален модел и политичка умереност. Но зад привидот на ред и мир, државниот брод сега тоне во вода што полека, но сигурно се качува до палубата. Со буџетски дефицит кој веќе две години надминува четири проценти од БДП – лани 4,7%, годинава со корекции 4,5% , владата конечно реши да ја повлече рачната кочница. Но не со визија и на долг период, туку со брза интервенција, склопена од мноштво мали мерки, чии последици допрва ќе се чувствуваат. Финансиски пазари сè уште не паничат, Австрија сe уште се задолжува евтино, и не постои реална закана од должничка криза. Но внатрешната структура на државата, она што не се гледа од надвор e дефицитот на сите нивоа, од сојузно до локално, слабите реформи и политичките табуа ја прават ситуацијата поопасна отколку што изгледа.
Препорачано
Она што владата го презентира како консолидација од 6,4 милијарди евра за оваа година и 8,7 милијарди до 2026, всушност е мозаик од стотици фрагменти, од умерени даночни зголемувања, преку замрзнувања на бенефиции, па сe до симболични кратења во администрацијата. Големи системски реформи нема. Се избегнаат теми како укинување на непотребни институции, намалување на бројот на болници, или рационализација на сложениот федерален апарат. Делумно поради тоа што штедењето во администрација е популарна флоскула, но никој не знае точно каде и колку да се сече. Делумно и затоа што политичката волја е слаба, а интересите длабоко вкоренети.
Кога ќе се погледне структурата на мерките, станува јасно дека најголемиот дел од консолидацијата доаѓа преку зголемени давачки и укинување на постојни субвенции. Третото тримесечје на т.н. „студена прогресија“ , систем каде граѓаните плаќаат повеќе данок и покрај тоа што реално не се побогати веќе нема да се компензира. Само оваа промена ќе донесе 470 милиони евра повеќе во државната каса. Истовремено, се зголемуваат даноците за банки, енергетски компании, дури и за електрични возила, фондации и некои имотни трансакции. Пензионерите ќе плаќаат повисоки придонеси за осигурување, а климатскиот бонус, кој требаше да биде компензација за ЦО₂ данокот, се укинува – што практично претставува скриена даночна мерка вредна речиси две милијарди евра.
Паралелно со овие зафати, владата најавува кратења во трошоци за администрација од над милијарда евра. Но се чини дека овде веќе се наоѓаат креативни решенија, односно шминка, на пример, наместо директни кратења Министерството за семејство ќе „заштеди“ преку тоа што нема повеќе да ги усогласува семејните додатоци со инфлацијата од 2026. Не се работи за структурно рационализирање, туку за пасивно одземање стекнати права.
Значаен удар ќе претрпат и зелените политики, климатските субвенции, кои со влезот на Зелените во владата пораснаа од 500 милиони во 2019 на преку две милијарди минатата година, сега ќе бидат драстично намалени. Само оваа година ќе се скратат за половина милијарда, следната за 750 милиони евра. Прашањето е дали се укинуваат неефикасни шеми или клучни двигатели на енергетската транзиција. Податоците досега покажуваат дека околу 25% од намалувањето на емисиите се должи на државната климатска политика , што значи дека остатокот сепак зависи од пазарни и структурни фактори. Но ефектот од овие кратења ќе се почувствува најмногу кај оние што најмалку можат да инвестираат приватно , сиромашните домаќинства и малите фирми.
Она што предизвикува најголема иронија е контрастот меѓу климатското повлекување и најавеното зголемување на воениот буџет. Австрија, која во 2023 троши под 1% од БДП на одбрана, сака да го дуплира тој процент до 2032. Првите чекори веќе се вградени во буџетската рамка. А бидејќи трошоците за одбрана не се бројат во европските фискални ограничувања, за разлика од социјалните или климатските, овој потег е технички легален иако политички спорен.
Пензискиот систем, кој со години се смета за најголем товар во буџетот, повторно останува недопрен. Освен едно мало стегање, нема да може лесно да се оди во предвремена пензија, иако тоа ќе донесе скромна заштеда од милијарда евра до 2029. Стапката на задолжување и понатаму расте, а автоматската индексација на пензии и социјални надоместоци предизвикува раст на трошоците, независно од приходната страна. Владата ја коригира оваа „долгорочна динамика“, но не преку реформи, туку преку прикриени интервенции. На пример, иако е правно изводливо, не се планира откажување или ревизија на веќе договорени зголемувања на плати за државните службеници во 2026 – потег што би заштедил стотици милиони со еден потпис.
Сето ова се одвива во контекст на слаб економски раст и недоволни инвестиции. Последните две-три години, капиталните вложувања паѓаат, а продуктивноста стагнира. Без офанзива за заживување на економијата ,без сериозен поттик за нови проекти, дигитална трансформација, образовни реформи,Австрија ќе штеди на празна маса. Владата најави повеќе пари за пазарот на трудот и образованието, но овие мерки немаат за цел оживување на економијата, туку ублажување на последиците. Стравот на економистите е дека без инвестиции ќе се намали капиталната основа, што долгорочно го поткопува потенцијалот за раст ,а без раст, нема стабилен буџет.
Австрискиот брод плови низ мирни води, но моторите фрчат, а радарот не работи. Капетанот е на палуба, носи уредна униформа, но никој не знае дали знае каде плови. Ако се суди според моменталниот курс – во место.