
Зонското во Карпош ќе ги преполови местата за паркирање и ништо нема да реши, стравуваат граѓаните
Од Општина Карпош не одговорија на прашањето дали зонското во Карпош 1 ќе биде наменето само за паркирање резиденти, како што е на пример во Дебар Маало, или ќе се дозволи да се паркира секој што ќе плати. Нема одговор ниту дали жител на Карпош откако ќе се воведе зонското, ќе може бесплатно да се паркира каде било низ општината.
Подобри услови за паркирање, повеќе слободни паркинг – места и полесен проток на возила, ветуваат надлежните заедно со најавите дека наскоро ќе се воведе зонско паркирање на повеќе локации во општина Карпош, меѓу кои и во населбите Карпош 1 и 2, чии жители со години имаат сериозен проблем со паркирањето.
Препорачано
Засега зонското неодамна е реализирано само кај зградите кај МИДА. За карпошани е нејасно како и зошто се избра како прв простор за решавање на паркингот токму овој, а не се почна од Карпош 1, каде што се паркира кој како ќе стигне – жителите, центарци, гостите на центарци, студенти на блиските факултети, посетители на кафулињата и секако луѓето кои работат на оваа територија.
По уличките во Карпош 1 и пешаците и возилата се движат само по улица, затоа што буквално сите тротоари, од двете страни на уличките се преполни со паркирани возила. А уличките се тесни максимално. Станарите едвај наоѓаат места за паркирање, а сега ќе воведувале зонско. Тоа подразбира дека едната коловозна лента, или едниот тротоар, ќе се исцрта со паркинг-места, што значи и онака недоволниот број места за паркирање ќе се преполови. Не знам како планираат да го изведат тоа, ништо од општина не објаснуваат. Единствено ако направат паркирањето да е дозволено само за станари, но каков ќар ќе има тогаш „Градски паркинг“ – вели Александар од Карпош 1.
Тој се сомнева дека на овој начин нешто ќе се реши за жителите, затоа што според него, единствено решение е изградба на монтажна гаража и резидентен паркинг.

Реакциите на карпошани во врска со најавеното воведување зонско паркирање се поделени. Едните очекуваат дека ќе престанат нивните маки со барање слободно место каде ќе го остават возилото за да се вратат дома, а други стравуваат дека ќе биде уште полошо.
Во иднина доколку не најдеме место во близина на зградата каде што паркирањето ќе ни биде бесплатно, за да се паркираме преку улица ќе треба да плаќаме. Бројот на станари и возила нема да се намали ни со воведување зонско. Не е тоа решение. Само уште повеќе ќе ги „кинеме“ нервите, а некој ќе си прави профит – коментира еден од жителите.
Од Општина Карпош не одговорија на прашањето дали зонското во Карпош 1 ќе биде наменето само за паркирање резиденти, како што е на пример во Дебар Маало или ќе се дозволи да се паркира секој што ќе плати. Нема одговор ниту дали жител на Карпош откако ќе се воведе зонското ќе може бесплатно да се паркира каде било низ општината. Оттаму премолчуваат и за тоа што се случи со изградбата на монтажни гаражи, кои се најавуваа во предизборниот период, а сега не се споменуваат и дали ќе се градат некаде во општината или не.
Во меѓувреме, Општината само ги пренесе на својата фејсбук-страница информациите од ЈП „Градски паркинг“ дека е започната постапката за воведување зонско паркирање на територија на Карпош. Прва локација со организирано паркирање е локалитетот МИДА, на улицата Орце Николов, во зона Д42. Во зоната влегуваат зградите од оваа улица со број 182, 186 и 188 , како и станарите од Илинденска број 107, каде секој од станарите може бесплатно да паркира до две возила.
Од „Градски паркинг“ информираа дека во процедура е воведување зонско на цела територија на Карпош 1 и Карпош 2, на сите сообраќајници и локации кои се предвидени за регулирање на сообраќајот во мирување. Воведувањето ќе се одвива во фази и за секоја преземена активност од страна на претпријатието, како што велат, граѓаните ќе бидат навремено известени и ќе бидат уредно повикани за поднесување барање и доставување на комплетната документација согласно категоријата корисник.