
Злосторникот објавил на социјалните мрежи за крвавиот чин во Прилеп, неофицијално тој бил познат како проблематичен
Страотното злосторство кое се случи во Прилеп синоќа ги потресе жителите на градот, а тие до доцна во ноќта беа на улиците, во неизвесност и страв. Вооружениот напаѓач го убил својот 43-годишен внук од сестра и неговото 11-годишно дете. Убиецот, според неофицијалните информации, е познат како проблематичен меѓу прилепчани.
Препорачано
Откако го извршил злосторството, убиецот, според информациите, дал отпор и со часови пукал кон полицајците, а наводно кон нив фрлил и бомба. Пред да биде совладан, по полноќ, тој извршил самоубиство.
Обвинителството по повеќе од девет часа по завршувањето на драматичните настани, објави соопштение со официјални информации.
„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп изврши увид на лице место во куќа во центарот на Прилеп каде беа пронајдени безживотните тела на 11-годишно дете и двајца мажи на возраст од 43 и 63 години. Според првичните сознанија, 63-годишникот најпрво го лишил од живот својот внук од сестра и неговиот син, поради семејни недоразбирања и нерасчистени имотни прашања. По извршување на делото, мотивите за стореното ги објавил и на една социјална мрежа, а потоа се самоубил“, соопшти ОЈО.
Читатели на „Слободен печат“ ни испратија куси снимки на кои се слуша како полициски хеликоптер доцна синоќа го надлетува градот. Тензичната атмосфера и вознемиреноста во Прилеп траела цела ноќ.
Злосторникот, според ОЈО, за ужасниот чин, кој наводно го извршил поради нетрпеливост и несогласувања околу поделба на имот со неговата сестра, објавил на социјалните мрежи.

Ужасно злосторство во Прилеп – напаѓач пукал во членови на семејство, убил и дете