„Поетите сè уште можат да го менуваат светот“: Сиљановска Давкова ги отвори Струшките вечери на поезијата

Поетите го менувале и сѐ уште можат да го менуваат светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства, заклучи вечерва претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, прогласувајќи ги за отворени 64-те Струшки вечери на поезијата.

Во обраќањето на манифестацијата, чиј годинашен покровител е, пред поетите, но и бројните критичари, преведувачи, литературни соработници и љубители на поезијата, од, како што рече, македонската и светска престолнина на поезијата, таа изрази надеж дека по 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, „Струга, но и светот ќе бидат поинакви“.

Според неа, „живиот збор бил и останал моќно и делотворно оружје“.

„Речта може да нѐ соочи со вистината, да ни ја разбуди совеста, да ни ја поттикне хуманоста, да ни ги исцели раните, да ни ја ослободи имагинацијата, а со тоа, поттикнувајќи активност, да ја промени реалноста. Живиот збор, поетскиот збор, учи, преобразува. Во него лежи и од него извира силата на поетската република, на Струшките вечери на поезијата“, рече претседателката на државата.

За оние кои не веруваат во силата на зборот, ги потсети дека на почетокот беше речта, а потоа забранетите книги.

„Меѓу нив е и АБЕЦЕДАРОТ, издаден во 1925 година, пред 100 години, во Атина, под притисок на Лигата на народите, којшто бил веднаш запленет и уништен, токму поради моќта на зборовите да го оживеат македонскиот јазик и идентитет кај децата – Македонци. Или, сетете се на браќата Миладиновци, но и на другите преродбеници, коишто самопрегорно ги собирале и ги запишувале народните зборови, песни, обичаи, гатанки и приказни за да ги зачуваат од заборав и исчезнување. Ако зборовите немаат моќ, зошто моќниците од секоја историска епоха се обидувале да ги контролираат нив и нивните творци, од Овидиј, па до Лорка“, рече Сиљановска-Давкова.

Манифестацијата почна со палење на Фестивалскиот оган и читање на антологиската Т`га за југ на Константин Миладинов, а продолжува со Меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.

Во духот на традицијата, претпладнево во „Паркот на поезијата“ беше засадено дрвце во чест на добитникот на„ Златниот венец“, словачкиот поет Иван Штрпка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот