
Женско рели по 17-ти пат: Натпревар, забава и адреналин
По 17-ти пат ќе се одржи Женско рели во сабота во Скопје, со цел на поразличен начин да се одбележи 8 Март. Маја Милошевска –учесничка, со многу успеси зад себе кога е во прашање релито, со отворена покана до сите дами кои сакаат да се натпреваруваат, а пред се да се забавуваат.
Препорачано
Од каде љубовта кон релито, на колку години првпат седна зад воланот?
Потекнувам од тркачка фамилија. Мојот татко и неговите браќа се занимавале со автоспорт уште од нивната младост и настапувале во Шампионатот во автомобилизам на Југославија. Ние, од следната генерација го продолживме да го работиме тоа што го правеа тие. Најпрво, мојот братучед Зоран Милошевски дебитираше во Шампионатот на Македонија во автомобилизам во 2000 година. Една година подоцна тоа го стори и мојот брат Југослав, кој и после толку години сè уште вози автотрки. И кога потекнувате од таква фамилија нормално е дека првиот контакт со воланот е направен на многу рана возраст, многу пред добивањето возачка дозвола.
Кои успеси би ги издвоила?
Мојот прв настап на женска рели трка беше во 2005 година во Скопје. Оттогаш имам настапувано на повеќе натпревари од различни дисциплини во Македонија, Бугарија, Косово, Грција: картинг, автоспретност, автослалом, Фичо куп, 2009 и 2011 година настапував во Шампионатот на Македонија во мотоциклизам, во дисциплината – скутери…
Искрено, имам многу пехари и признанија, а секој настап е едно искуство повеќе, кое ја збогатува кариерата. Минатата сезона од четири автослалом трки на кои настапив од Шампионатот на Косово во автослалом, забележав четири победи; на автослаломот во Белград го освоив третото место во отворениот шампионат во автослалом на Србија; сезоната 2018 ја освоив шампионската титула во Шампионатот на Македонија во автослалом во класата на тркачките возила и третото место во генералниот пласман во класата на сериските возила; во 2011 година ја освоив вицешампионската титула во Шампионатот на Македонија во скутери; а во женското рели секоја година ме има на подиум… Витрините ми се преполни со пехари.
Каде ќе се одржува трката на 7 март, колкумина се пријавени на натпреварот?
Оваа година женското рели ќе се одржи традиционално 17-ти пат, во организација на ОК Класик.
Настанот е од рекреативно забавен карактер и се состои од три етапи:
– возење по градската сообраќајна мрежа, со почитување на правилата во сообраќајот водени по претходно изготвена патна книга на движење, од страна на организаторот;
– Кнап етапа (возење по дадена патека за одредено време);
– Гимкана (спретно возење меѓу чуневи) ;
Стартот на релито е од плоштадот во Автокоманда во 11.00 часот. Најпрво ќе се вози спретното возење меѓу чуневи, популарно наречено гимкана. Првата градска етапа се вози до „Сити мол“, а втората етапа повторно нè води назад до Автокоманда, каде што ќе биде и прогласувањето на најдобрите.
Очекувам да настапат околу 20-тина екипажи, но пријавувањето е сè уште во тек. Доколку меѓу Вашите читатели има заинтересирани за овој настан, за повеќе информации можат да се обратат на телефонот 072/309-945.
Со каква цел се организира?
– Настанот се организира традиционално по повод денот на жената 8 Март, на еден поинаков начин да се прослави овој ден. Истиот има натпреварувачки карактер, но пред сè до израз доаѓаат забавата и позитивната енергија што го обележуваат овој настан.
Што е битно за да се учествува на релито, на што да се внимава?
– На релито учествуваат екипажи, кои се составени од возач и совозач од понежниот пол, со сериско возило, со исправна сообраќајна и возачка документација, а битно е да се има желба за настап на овој натпревар. Секоја етапа си има свои правила и секако треба да се внимава на нив, затоа што секое прекршување на правило, значи казнени поени што негативно влијаат врз пласманот на екипажот на релито.
Имало ли незгодни ситуации?
– На овој тип натпреварување, ризикот е сведен на минимум, така што незгодните ситуации не се составен дел од релито.
Ќе има ли посебен сообраќаен режим?
– Не, градските етапи се возат додека сообраќајот е во нормален тек, при тоа се почитуваат сите сообраќајни правила и прописи: ограничување на брзина, семафори, пропуштање на пешаци и слично.
Поддржана ли е од институциите?
– Да, се сеќавам дека многупати општина Гази Баба била дел од оваа манифестација. Ќе биде и оваа година. Исто така, релито во сабота е организирано во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, каде што сите ќе ја поддржиме кампањата за безбедност во сообраќајот: Размисли дали си безбеден возач!!!
Какви предиспозиции треба да имаат оние жени кои сакаат да се тркаат?
– Оние кои сакаат да настапат на овој настан треба да имаат само желба за добра забава, возачка дозвола и регистрирано возило и да се појават во 9 часот на Плоштадот во Автокоманда.
Постои ли сè уште онаа дискриминација од страна на мажите дека тие се подобри возачи?
– Како што сме рамноправни со мажите на другите полиња, така е и зад воланот. Управувањето со моторни возила не е само за мажи. Лично јас, немам проблем со мислењето на другите.
Трпат ли жените навреди во сообраќајот?
– Културата во сообраќајот не ни е на завидно ниво. Треба сите учесници да бидат посовесни и да го поправиме впечатокот. Она што можам да го забележам како секојдневен учесник, е дека сè повеќе има жени во сообраќајот и дека способноста за управување со возилата не треба да се врзува за пол.