Фото: youtube/printscreen

Зендели разрешен, уставни судии ќе предложи и ВМРО-ДПМНЕ

По тридневна расправа, за разрешувањето на Зендели гласаа 61 пратеник од мнозинството, а опозицијата во знак на револт ја напушти салата. Комплетирањето на комисиите и промената на претседатели во три од нив заглави бидејќи не се закажуваше седница на Комисијата за избори и именувања, откако таа остана без претседател и откако Беса премина во опозиција.

Доекипирање на Уставниот суд, на Комисијата за избори и именувања, како и на повеќе комисии се очекува веќе следната недела откако Собранието по тридневна расправа, вчера го разреши пратеникот Фадил Зендели од член на комисијата што му предлага уставни судии на пленумот. За разрешувањето на Зендели гласаа 61 пратеник од мнозинството, додека опозицијата во знак на револт не беше присутна во салата. Комплетирањето на собраниските комисии и промената на претседатели во три од нив заглави бидејќи не се закажуваше седница на Комисијата за избори и именувања, откако таа остана без претседател и откако „Беса“ прејде во опозиција и наместо власта, мнозинството во Комисијата го имаше опозицијата.

Од власта не прецизираат дали на истата седница на Комисијата за избори и именувања, освен избор на претседател ќе се расправа и за избор на новите четири уставни судии. Опозицијата смета дека доекипирањето на Уставниот суд ќе се случи уште на првата седница. За избор на новите уставни судии со четири кандидати ќе атакува и ВМРО-ДПМНЕ.

Со разрешувањето на Зендели, по повеќемесечна блокада се отвора патот за комплетирање на Уставниот суд, за што преку писмо и изјави апелираше и претседателката на Уставен, Добрила Кацарска, со цел судот да може да функционира и носи одлуки во полн состав.

– Следната недела ќе заседава Комисијата за избори и именувања и ќе се доекипира нејзиниот состав со избор на претседател, откако експретседателот на работното тело стана градоначалник. Можно е на истата седница да се комплетираат и другите комисии. Нови уставни судии ќе се избираат откако пратениците ќе достават предлози – велат од власта.

Од опозицијата нагласуваат дека нема да ги кочат екипирањата на комисиите, напротив, велат дека имаат свои предлози на пратеници за членови на работните тела. Според нив, комисиите се нефункционални бидејќи власта ја кочела работата на Комисијата за избори и именувања со несвикување седници.

– Изборот на уставните судии сметаме дека ќе биде ставен како прва точка на Комисијата за избори и именувања по разрешувањето на Зендели, бидејќи им се брза Уставниот суд да го комплетираат со партиски кадри. ВМРО-ДПМНЕ ќе достави предлози за уставни судии за четирите испразнети места, ќе видиме чии предлози за нови уставни судии се покомпетентни. Имаме подготвени и предлози на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои треба да бидат нови претседатели и членови на комисиите што треба да се доекипираат. Вкупно во три комисии треба да се изберат нови претседатели и 15 комисии да се доекипираат со членови – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Комисијата за избори и именувања е клучна не само за функционирањето на Собранието, туку и на многу други државни институции, бидејќи преку неа одат сите назначувања што се во надлежност на Собранието.

За опозицијата разрешувањето на Зендели на пленарна седница е преседан, кој на власта ќе ѝ се удри од глава, бидејќи предлогот не дошол од Комисијата, туку со одлука директно на пленум. Според опозицијата, со тоа се прекршени собранискиот Деловник и Уставот. Власта се повика на Уставот дека пленумот има право да го разреши Зендели, бидејќи тој е избран функционер.

Трајанов: Да се засилат критериумите за избор на уставни судии

Пратеникот и претседател на Демократски сојуз Павле Трајанов бара засилување на критериумите за избор на уставни судии, а не само како што е сега, тие да бидат истакнати правници.

– Нема други критериуми, професионално искуство, степен на образование или специјализација. Нема конкурс, нема постапка кои кандидати и како ги утврдува и предлага Судскиот совет, Комисијата за избори и именување при Собранието и претседателот на Македонија. Досега повеќето од судиите се предлагаат од партиите, при што изборот првенствено зависи од партиите кои го прават парламентарното мнозинство – смета Трајанов.

Тој додава дека Уставниот суд во изминатите 30 години функционира под притисок и диктат на партиите, поради што се неопходни промени, изборот да биде транспарентен и врз основа на цврсти и јасни критериуми. За поставеноста и работата на Уставниот суд треба да се донесе закон, а не тој да работи врз основа на деловник, смета Трајанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот