Фото: Икс

Земјотрес со јачина од 8,8 степени го погоди рускиот полуостров Камчатка, постои можност за цунами во Јапонија и САД

Силен земјотрес со јачина од 8,8 степени по Рихтеровата скала го погоди крајбрежјето на далечниот исток на Русија на полуостровот Камчатка, што предизвика предупредувања за цунами во делови од Русија, Јапонија, САД, Чиле и други земји долж Пацификот, пренесува Ројтерс.

Овој земјотрес се смета за најсилниот што го погодил регионот во последните 70 години.

Регионалниот министер за вонредни состојби на Камчатка соопшти дека земјотресот предизвика цунами од три до четири метри околу полуостровот.

Според научниците од академијата, ова е најсилниот земјотрес на полуостровот од 1952 година.

По земјотресот, во Јапонија се издадени итни предупредувања до жителите на крајбрежните региони веднаш да ги напуштат своите домови. Од утрово, на островот можат да се слушнат сирени за предупредување за цунами.

„Веднаш преместете се на повисока, безбедна локација. Времето на пристигнување на цунами е само проценка. Брановите може да пристигнат порано или подоцна. Продолжете со евакуација сè додека е на сила предупредувањето“, се вели во предупредувањето.

Првите бранови го погодија најсеверниот остров во Јапонија, Хокаидо. Од снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како луѓе бараат засолниште на покривите од куќите.

Метеоролозите предвидуваат дека брановите цунами би можеле да достигнат висина од три до четири метри.

За опасност од цунами предупредуваат и Кина и САД. Кинескиот центар за предупредување од цунами соопшти дека се очекува бранови високи помеѓу 30 сантиметри и еден метар да го погодат источниот брег на земјата.

Харолд Тобин, сеизмолог на Универзитетот во Вашингтон, истакна дека она што ќе се случи на Хаваи во наредните часови ќе послужи како тест за она што можеме да го очекуваме низ Тихоокеанскиот огнен прстен.

„Сè може да се случи – од тоа да нема значителна штета на оддалечени локации, до сериозни последици во областите директно по должината на брегот“, рече тој.

За сериозноста на ситуацијата предупреди и американскиот претседател Доналд Трамп.

„Поради силниот земјотрес што се случи во Тихиот Океан, издадено е предупредување за цунами за жителите на Хаваи. Предупредување за цунами е во сила и за Алјаска и за тихоокеанскиот брег на Соединетите Американски Држави“, напиша Трамп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот