
Земјоделци масовно ќе протестираат во Брисел во среда
По периодот на смирување на протестите на земјоделците од ЕУ од повеќе од една година, за среда е најавен нов „масовен протест“ на земјоделците во Брисел, во знак на незадоволство поради плановите за намалување на земјоделските субвенции и намерата на Европската комисија да го пренасочи финансирањето од земјоделските и кохезивните фондови на т.н. „национални партнерства“ раководени од земјите членки на ЕУ, пишува „Еурактив“.
Препорачано
Протестите, организирани од повеќе европски земјоделски асоцијации, се закажани за истиот ден кога Европската комисија го најави презентирањето на својот прв пакет предлози поврзани со подготовката на следната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за по 2027 година.
Организаторите на протестот известија дека е предвиден “симболичен марш”, кој ќе започне пред Европскиот парламент и ќе заврши пред зградата на Европската комисија.
Според организаторите, со овој протест тие сакаат да повикаат на “обновена посветеност” на земјоделскиот сектор, на изработка на буџет за Заедничката земјоделска политика прилагоден на стапката на инфлација и за зачувување на сегашната структура на “два столба” на земјоделската политика, кои вклучуваат директни субвенции и средства за рурален развој.
Во пресрет на протестот организациите на земјоделците покренаа иницијатива за собирање потписи на петицијата насловена “Нема безбедност без Заедничка земјоделска политика”, алудирајќи на актуелните приоритети на ЕУ за зајакнување на европската одбрана и безбедност.
Иницијаторите на петицијата сметаат дека Заедничката земјоделска политика е од големо значење за гарантирање на безбедноста на храната во Европа и за одржување на стабилноста на европските земјоделски заедници и се против моменталните предлози на Европската комисија за промена на структурата на финансирање на земјоделскиот сектор.