Пари плати хонорари к15 / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Земале кредит на туѓо име, жртвите разбрале кога требало да вратат пари

Документот за лична идентификација е задолжителен при аплицирање на кредит на потрошувач во финансиско друштво. Финансиските друштва како и банките имаат своја деловна политика според која се уредува начинот на аплицирање, обработка на податоците како и одобрувањето на кредитите, велат од Министерството за финансии.

Агенцијата за заштита на податоци неодамна обелодени дека имало пријави од тројца наши сограѓани што не подигнале брз кредит, но тоа го сторил некој друг и тоа со користење на нивните телефонски броеви, а тие за туѓите кредити, треба да плаќаат долгови по 90.000 денари.

„Слободен печат“ ја истражуваше регулативата – како тоа е можно со туѓи податоци, а што повеќе само со еден телефон да се подигнат пари од финансиска институција. Но се распрашавме и по банките дали има блокирани сметки поради постапки поведени од финансиските друштва што даваат брзи кредити, затоа што секогаш присилната наплата завршува во банкарскиот систем.

Банкарите, тешко споделуваат вакви информации, но упорноста нè доведе до една „интересна“ приказна. Возрасните родители ги дале своите лични карти на ќерката да им заврши некоја работа, и по извесен период, кога отишле на банкомат, пензијата не можеле да си ја подигнат, а кога влегле во банката доживеале шок.

– Немаа лична карта, но со картичката им излеговме во пресрет да видиме што е. За жал, констатиравме дека сметките им се блокирани затоа што имаат присилна наплата за земени дури три брзи кредити. Луѓето гледаа запрепастено, дури и не знаеја што се тоа брзи кредити и какви финансиски институции даваат такво нешто. Велеа, ние знаеме само за банка. Потоа, клопчето почна да се одмотува и дојдоа до заклучок дека со нивните лични карти, тоа го направила ќерката. Беа очајни. Рекоа не сакаме ништо да преземеме против неа, но како да се извлечеме од оваа состојба. Целата ситуација беше навистина вознемирувачка и банката, и покрај нивната возраст, им одобри кредит, со кој ќе ги затворат брзите кредити на ќерката, ќе ја одблокираат сметката, и потоа од пензијата ќе го враќаат долгот за кредитот што им го одобри нашата банка – ни раскажа еден банкар, чиј идентитет е познат на Редакцијата.

Во Министерството за финансии кое е надлежно за работењето на друштвата за брзи кредити, поставивме јасно прашање, но сепак не добивме доволно прецизен одговор за тоа дали лично мора да се потпише договорот и дали физички (лично) мора да се даде на увид личната карта.

– Според член 10 став (2) точка 2) од Законот за заштита на потрошувачи при потрошувачки кредити, договорот за кредит на јасен и прецизен начин мора да содржи информации за име и презиме и адреса на потрошувачот. Оттука документот за лична идентификација е задолжителен при аплицирање за кредит на потрошувач во финансиско друштво. Обработката на личните податоци односно законитоста за обработката на личните податоци е регулирана според член 10 од Законот за заштита на личните податоци – изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за финансии, но исто така прецизираа и дека начинот на аплицирање зависи од деловната политика на банките или на финансиските друштва.

– Финансиските друштва како и банките имаат своја деловна политика според која се уредува начинот на аплицирање, обработка на податоците како и одобрувањето на кредитите. Начинот на склучување на договорот за кредит е наведен во самиот договор за кредит, односно сите информации што мора да ги содржат договорите за кредит се регулирани со Законот за заштита на потрошувачи при потрошувачки кредити – велат од Министерството за финансии.

Агенцијата за заштита на лични податоци е одговорна за наведениот член 10 од Законот за заштита на личните податоци. Во овој член пишува во кои случаи е законита обработка на личните податоци: кога е дадена согласност за конкретни цели; за исполнување договор каде што субјектот на лични податоци е договорна страна, или за да се преземат активности на барање на субјектот на лични податоци пред неговото пристапување кон договорот; обработката е потребна за исполнување законска обврска на контролорот, како и други наведени случаи.

 

Лани биле контролирани 16 финансиски друштва, во 10 имало неправилности

Според последните расположливи податоци што се однесуваат на 2022 година, извршени се 16 теренски надзори во седиштата на 16 финансиски друштва, изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за финансии.

– Притоа, кај 10 друштва се констатирани неправилности, при што се изречени 13 прекршочни санкции глоби и истовремено се изречени 22 мерки наредби за отстранување на неправилностите. Напомнуваме дека глобите кај овие друштва се изречени по Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити – велат од Министерството за финансии.

Казни до 10.000 евра за брзите кредити со напумпани трошоци

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!