Мицкоски, Николоски и Трајановски на увид на изградба на автопатот Кичево-Охрид/Фото: Фејсбук

Завршена клучката кај Подмоље, забрзано се гради автопатот Кичево-Охрид, властите велат дека решаваат наследени проблеми

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид ќе биде завршена до крајот на 2026 година, уверуваат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈП Државни патишта, Коце Трајановски за време на денешниот увид на градежните работи кај клучката Подмоље која треба да биде пуштена во употреба најдоцна до утре. Велат дека решаваат наследени проблеми но дека работата оди напред.

Изградба на автопатот Кичево-Охрид/Фото: Фејсбук

Оваа клучка ќе овозможи безбедно поврзување на Охрид и Струга, но и на Македонија со Албанија. Интензивно се работи и на приклучните патишта, со кои сите населени места ќе имаат пристап до автопатот.

„Имајте предвид дека немаше проекти, немаше ни експропријација, владата на секоја седница носи одлуки за експропријација и тие се завршени и нема да има село или населено место на овој потег кое што нема да е споено или директно на автопат или со пристапен пат на најблиската точка каде што може да се приклучи на автопат и само кога сето тоа ќе е завршено, ќе се пушти во функција и овој дел“, изјави Николоски.

Мицкоски вели дека интензивно се работи на делницата, дека фирмите деноноќно се на терен и им се заблагодари на граѓаните што се трпеливи поради проектот кој се гради една деценија и кој претрпе големи измени и дополни на проектот.

„Но тоа се проекти кои што мораме да ги направиме, како што каже и министерот, бидејќи едноставно 15.000 луѓе не може од нивните населени места да летаат на автопатот. Ќе мора и тие да имаат пристапен пат од нивното населено место до приклучокот со автопатот. Зашто тоа не било предвидено, не било направено, тоа е друга тема“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека се работи и на други три делници – автопатот Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола, но има и два јавни повика за тендерски постапки на две други автопатски делници – Букојчани – Кичево и граничен премин Блаце – Скопје, кои се во фаза на проценки и поднесување на финансиски понуди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот