
Затворена клиника на „Санте плус“ во Албанија – пуштена потерница по газдата
При контролата во клиниката, полицијата одзела 100 блокови со нефискализирани сметки, 27 препарати за ботокс, филери и материјали за трансплантација на коса и антибиотици – најголемиот дел со истечен рок.
Албанската полиција ја затвори болницата „Медикер“ дел од групацијата „Санте плус“, откривајќи дека на пациентите им се продавале лекови со истечен рок како терапија за спасување, добивка од речиси 1 милион евра се криела во џебовите на сопствениците, додека испаднало дека работниците на оваа компанија се без социјално осигурување, објави ЈОК Албанија.
Препорачано
Во лисици заврши Едмонд Заја, 62-годишник наведен како администратор, но кој во реалноста немал никаква врска со управувањето на болницата. „Администраторот“, според извори за ЈОК Албанија, имал улога на готвач и возач во компанијата на Турчинот Билал Кара.
Во меѓувреме, вистинскиот сопственик, 45-годишниот Билал Кара, и сопственичката Герина Арапи се прогласени за барани од полицијата во Тирана.
Запленети се препарати за ботокс, филери и материјали за трансплантација на коса
За време на контролата во клиниката, полицијата заплени 100 блокови со нефискализирани сметки, 27 различни препарати за ботокс, филери и материјали користени при трансплантација на коса – најголемиот дел со истечен рок – како и шест компјутери што ќе бидат испратени на вештачење.
Меѓу пронајдените медикаменти бил и антибиотикот „Рифоцин“, со истечен рок во мај 2025 година, кој се користи за тешки бактериски инфекции, како и „Гадовист“, со истечен рок уште во 2023 година. И двата, според полицијата, се користеле за инјекции, естетски интервенции и анестезија, објави Дритаре.
Паралелно со оваа активност, клиниката се рекламирала на социјалните мрежи нудејќи бројни естетски процедури, меѓу нив полнење усни со филери и трансплантација на коса по цена од 980 евра.
Полицијата на Тирана нагласува дека истрагата продолжува за идентификување на сите вклучени лица, како и за утврдување на последиците кои можело да им бидат нанесени на клиентите поради користење на истечени медикаменти.
Кара е почесен конзул на Македонија во Измир
Инаку, Кара е почесен конзул на Македонија во Измир (Турција). Тој беше назначен за почесен конзул пред 2 години, со потпис на тогашниот министер за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи.
Билал Кара е истовремено и претседател на Советот за бизнис Турција – Северна Македонија при Советот за надворешни економски односи (DEIK) од 2018 година. Тој е и член на Стопанската комора Албанија–Турција, објави Шќиптарја.
„Санте Плус“ е групација на здравствени установи, која вкупно има 12 медицински центри лоцирани на Балканот, земјите од Среден Исток како и во евроазиските земји. Пет од болниците на групацијата се во Македонија, Косово, Турција и Албанија.