
Засадени 40 јавори во Карпош во чест на празникот на Скопје
Со низа почести пред споменикот на борците од Првиот скопски партизански одред, градоначалникот Стевчо Јакимовски и делегации на Сојузот на борци на Македонија, го одбележаа Денот на ослободувањето на Скопје.
Препорачано
Во рамки на свеченоста, беа засадени 40 дрвца од видот црвенолисен јавор, како дел од завршната еко есенска акција на Општина Карпош.
Да го одбележиме достоинствено овој голем празник, ослободувањето на Скопје сите заедно. Ден кога почнува да се развива слободарскиот дух во Македонија и полека но сигурно започнува да се гради современата држава. Оттука, години подоцна, градоначалниците како и самите граѓани, придонесуваат да започне ерата на градење и развивање на главниот град. На нам ни останува да ги негуваме овие традиции, во исто време да не ни се руши идентитетот – рече Јакимовски во своето обраќање.

Сојузот на борци на Македонија – Карпош претходно организираше литературен конкурс и ги повика учениците од сите основни училишта на територија на Карпош кои учествуваа и кои ги освоија првите награди, да ги прочитаат своите дела пред присутните. На конкурсот учествуваа и ученици од Општина Ѓорче Петров, како и средношколци од гимназијата „Никола Карев“. По настанот, учениците заедно со вработените од Комуналниот сектор, ги засадија дрвцата во чест на големиот празник за главниот град.
По повод одбележување на 13-ти ноември, четиричлена делегација од Општина Карпош, денеска им оддаде почит на паднатите борци од НОБ, положувајќи свежо цвеќе пред споменикот на ослободителите на Скопје.