Товарен сообраќај Фото: Железница на РСМ -Транспорт

Законот им прави топло-ладно на компаниите: Во товарниот железнички сообраќај нема да влезат приватни превозници

МЖ Транспорт и понатаму ќе има монопол. Според образложението на министерот за транспорт Александар Николоски, токму со тоа се спасува ова претпријатие од финансиски колапс. Ова, пак, е разочарување за фирмите што очекуваа конкурентни цени од приватни превозници по македонските шини

Со законски измени од 8.12.2023 година се либерализираше железничкиот сообраќај. Либерализацијата требаше да почне во товарниот сообраќај, со тоа што ќе им овозможи на приватни и на странски компании да пристапат до железничката инфраструктура, секако по претходно добиена дозвола за вршење на превоз, добиен сертификат за сигурност и платен надоместок. Но, во четвртокот поминаа измените на Законот за железнички систем со кој се укина либерализацијата, така што се избришаа членовите што тоа го уредуваа.
Од почетокот на годинава, неколку приватни оператори за товарен железнички сообраќај од Србија пројавија интерес и подготвеност за влегување на нашиот пазар. Интерес имало и од неколку домашни приватни оператори, изјавија од МЖ-Транспорт, без да прецизираат имиња. Со оглед на изборниот процес, до склучување договор не дојде, а новата влада сосема го смени курсот кон железничкиот сообраќај.

Министерот за транспорт Александар Николоски образложи дека измените се поради тешката финансиска состојба на МЖ Транспорт, кој и понатаму го задржува монополот за превоз на стоки и патници.

– Со овие измени практично го спасуваме АД МЖ Транспорт, каде работат голем број лица, кои имаат свои семејства и треба да ги прехрануваат. Во изминатите два месеца активно работиме на тоа да земаат плати. Во координација со ЕК во рамките на Планот за раст се договоривме да се тргне обврската на Македонија за либерализацијата на железничкиот сообраќај, затоа што кога би се реализирала ова претпријатие кое и онака е во тешка финансиска ситуација, целосно ќе колабира – рече Николоски.

Според Бизнис-планот за 2024 година, МЖ Инфраструктура, пак, токму очекуваше дополнителни пари од приватните превозници. Тие ја испланирале и точната сума за годинава – 98.227.925 денари. И ова претпријатие не е во добра финансиска положба. Последниот објавен извештај за вториот квартал покажува дека само за тие три месеци е направена загуба од 760.000 евра.

По 30 години зборување за либерализација на железничкиот сообраќај, ланските законски измени се донесоа токму поради потребата од усогласување со европските директиви. Сега во новите законски измени пишува: „Приватно домашно или странско правно лице може да врши јавен железнички превоз на патници и стока во согласност со одредбите од овој закон по пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија. Постапките за издавање дозволи за вршење јавен железнички превоз на патници и стока и постапките за издавање сертификати за сигурност за вршење јавен железнички превоз на патници и стока во согласност со Законот за железничкиот систем започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе запрат со денот на влегувањето во сила на овој закон“.

Компаниите, пак, со нетрпение очекуваа конкуренција што ќе донесе пониски цени за железничкиот сообраќај. „Макстил“ како нивен голем корисник, на крајот од минатата година ја поздрави либерализацијата.

– Бизнисот со години бара либерализација. Ги следам состојбите во Србија, каде што се случи таа либерализација во 2016 година, и оттогаш досега во Србија има 17 приватни оператори, каде што нема никаков проблем, ниту со штрајк ниту со бојкот. Стопанството е задоволно, има избор, се добија пониски цени за транспорт на стока – изјави Коста Докузовски, директор за транспорт и логистика во „Макстил“.

Благоја Бочварски, пратеник од СДСМ и поранешен министер за транспорт, дента кога во Собранието се укина либерализацијата изјави: „Одлуката за либерализацијата на пазарот беше донесена по 32 години. Тоа ќе значеше отворање на пазарот за влез на повеќе оператори на пругите. Со тоа ќе се спуштеа цените пред сè на македонските компании. Мора да мислиме на македонската економија и да отвориме врати за побрз и поевтин транспорт“.

Костов: Во моментов не сме подготвени за конкуренција

Поранешниот директор на Железница Транспорт, Никола Костов, во изјава за „Слободен печат“ оценува дека е добро што се укинала либерализацијата, затоа што во моментов Железницата сè уште не е подготвена за конкуренција.

– Железницата и сега е во загуба, немаме доволно локомотиви, вагони, залихи, коминтенти…. Ако дојде некоја јака фирма, со нови локомотиви и вагони, ќе ја земе и таа работа што ја имаат. Затоа, сметам дека одлуката е правилна, сега да немаме либерализација – вели Костов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот