Македонското и бугарското знаме / Фото: МИА

Заканите и навредите посилни од апелите за воздржаност

Барањето на претседателот Стево Пендаровски до Владата да им забрани влез во Македонија на европратеникот Ангел Џамбаски и други бугарски државјани вчера предизвика реакција кај повеќе бугарски политичари, а потпретседателот БСП Кристијан Вигенин дури ги повика властите и партиите во нашата земја „да се воздржат од изјави кои не водат кон решавање на проблемите, туку кон неприфатлива ескалација“.

Претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност завчера попладне рече дека забраната за влез ја побарал согласно Законот за странци поради дејствијата што тие лица ги преземаат против нашата држава, без да прецизира кои се, но од неговиот опис се заклучува дека мисли на радикалот Ангел Џамбаски и на Виктор Стојанов од бугарската фондација „Македонија“.

Според СДСМ барањето на Пендаровски е во ред, според ВМРО-ДПМНЕ е задоцнето, а според аналитичарите непотребно, оти нема да донесе ништо добро за нас.

Односите влошени

Освен што ги повика македонските власти да се воздржат од изјави што можат долгорочно да го влошат дијалогот меѓу двете земји, Вигенин најави дека неговата партија ќе инсистира за тепањето на охриѓанецот Христијан Пендиков да бидат информирани Советот на Европа и ОБСЕ.

Настаните од последните денови во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија ја потврдуваат исправноста на ставот на БСП да не поддржи укинувањето на ветото за преговорите за членство во ЕУ – рече тој откако во бугарското собрание беше одложено сослушувањето на техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков за односите на Софија со Скопје заради негово отсуство.

Милков завчера во Брисел на состанок на министрите за надворешни работи на земјитечленки ги информирал колегите „за влошената состојба во РС Македонија во однос на граѓаните со бугарско национално чувство, со акцент на „тешкиот инцидент во Охрид“, при што изразил жалење што овој „сериозен инцидент е дел од повеќето слични настани со антибугарски карактер во последните месеци.

Лидерот на радикалната партија „Преродба“ Костадин Костадинов вчера повтори дека на Македонија треба да и се стави вето за влез во ЕУ.

– Македонија отсекогаш покажувала дека кога тргнува на линија на конфронтација со Бугарија е подготвена да оди до крај. Голема дилема е до каде ќе оди нашата земја – изјавил Костадинов, кој, пак за најновиот развој на настаните бара да се свика состанок на Советот на министри за надворешни работи на НАТО, затоа што „некој се обидува да ги внесе Бугарија и Македонија во руско-украинското сценарио“.

Апели за воздржаност

Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека ветото засега е завршена работа.

– Бугарија кога можеше да не блокира го направи тоа. Следно ќе може да ни даде вето, како и секоја друга земја-членка, кога ќе ги завршиме преговорите за членство во ЕУ, а дотогаш таа можност е анулирана со преговарачката рамка. Тие од Софија се закануваат, но Бугарите се балкански политичари, не се нордиски политичари и си даваат паушални изјави – вели Муслиу за „Слободен печат“.

Во врска со најавената забрана за блез на европратеникот Џамбаски, Муслиу смета дека таков потег не е потребен.

– Нашата страна треба да се воздржи од ескалација на односите со Софија и да не дава изјави што ќе продонесат односите да се влошат. Нам влошување никако не ни одговара, затоа што, иако не може да ни стави вето, Софија ќе најде начин да ни го отежнува патот кон ЕУ. Тие се помоќни, тие се земја-членка и секогаш ќе измислуваат разни причини да ни отежнат. Значи, мудро е во овој омент да се воздржиме и да гледаме да ја исполниме нашата стратешка цел со преговорите со ЕУ – вели Муслиу.

Алберт Муслиу, политички аналитичар / Утрински брифинг

Тој додава дека можеби претседателот Пендаровски е и во право, но прашува каква корист ќе имаме ние, освен што сигурно ќе направиме да се кренат уште повеќе тензии.

– Дали со забраната ќе го смениме Џамбаски, ќе го предомислиме? Само ќе му ги засилиме позициите и тој ќе собере поени пред бугарските радикали. Кои, патем, во Бугарија не ги сакаат. Видовме како Красимир Каракачанов кој водеше антимакедонска кампања не влезе во парламентот, значи бугарските граѓани не сакаат да се занимаваат со вакви теми. Зошто тогаш ние да им овозможуваме гласност? – вели Муслиу.

Пендаровски завчера посочи дека законските услови за изрекување на забрана за влез постоеле и претходно: загрозување на јавниот ред, закана за националната безбедност или загрозување на меѓународните односи на државата. Тоа значи, рече претседателот, ако таквите лица се надвор од државата нема да им биде дозволен влез, а ако се веќе внатре ќе им биде откажан престојот и ќе бидат прогласени за персона нон грата.

Потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев рече дека верува дека „сите се почувствуваа непријатно по настаните и изјавите кои ги даваше Џамбаски со неговата група при одбележувањето на Мара Бунева и СДСМ генерално е на иста линија со тоа што го кажа претседателот.

Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека претседателот е познат по тривијални настапи, за работи кои не се во негова надлежност, односно требало истиот ден кога Џамбаски ја негираше Македонија да биде прогласен за персона нон грата и испратен до граница, а МНР да испрати реакција до Европскиот парламент, а сега е задоцнето и е замајување на јавноста.

Џамбаски, пак и вчера продолжи со провокациите и на Фејсбук напиша:

„Македонија била и е бугарска. Северна Македонија е нешто друго, тоа е заслуга на Тито. Со забрани за влез во земјата, нема да ја избришете вистината“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот