
Захариева: Во интерес на Македонија е да остане ветото, за да ја научат вистинската, а не измислената историја што ги оддалечува од бугарството
Надворешна комисија не е Народното собрание, тоа е помошно тело на Парламентот и одлуките ги носи Парламентот, а не неговата комисија за надворешни работи, ја коментира поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева намерата на премиерот Кирил Петков предлогот на француското претседателство за кревање на ветото за Македонија да го препушти на одлучување во Комисијата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Кирил Петков влезе во играта на РС Македонија, давајќи и ветување дека ќе направи компромиси кои нема да ги одразуваат интересите на Бугарија. И Бугарија и граѓаните на РС Македонија ќе загубат од избрзаното укинување на ветото. Во нивен интерес е да се реформира РС Македонија. Во нивен интерес е историјата да ја знаат таква каква што е, а не измислената историја што е создадена за да ги оддалечи од Бугарија и од бугарството – вели Захариева.
Таа додава дека со своите постапки, Петков ги поткопува напорите на Бугарија да ја реформира РС Македонија и се претвора во полномошник на Путин.
– Франција не може да ги гарантира барањата на Бугарија доколку тие не влезат во преговарачката рамка и не бидат одобрени од сите земји-членки на ЕУ – додава пратеничката од ГЕРБ Захариева во интервју за БГНЕС.
Таа вели дека не е јасно зошто премиерот Петков брза да го укине ветото за Македонија.
– Мојот единствен сомнеж е дека Кирил Петков ветил дека ќе го укине ветото до крајот на француското претседателство. Нешто што тој негира, но сите негови постапки зборуваат во спротивна насока, вклучително и оваа одлука која вчера беше усвоена од Советот на министри – рече Захариева.
Таа ја опиша одлуката како прилично чудна конструкција, што укажува дека на премиерот му се брза.
– Сепак, Советот за општи работи е следниот вторник, а Европскиот совет е во четврток и петок (23 и 24 јуни). Не гледам кога и како францускиот предлог ќе помине низ Парламентот, како што повеќепати ветија – рече Захариева.
Згора на тоа, додава таа, досега ниту еден пратеник од опозицијата или од ГЕРБ не е информиран за тоа што власта тврди дека „го постигнала како голем успех“.
– Да, вчера од министерката Теодора Генчовска во салата слушнавме резиме за тоа што МНР и дипломатите во него постигнале откако, како што рече, останале сами да го водат овој разговор. Помина околу еден месец. Но, како документ, како текст од Преговарачката рамка, ништо црно-бело не видовме – вели Захариева.
Та додава дека Петков не може да ги заобиколи Народното собрание и МНР, особено МНР, без да ги прекрши правилата и законските прописи.
– Премиерот во повеќе наврати изјави дека ништо нема да се случи без парламентот. Но, Комисијата за надворешни работи не е парламентот. Тоа е помошно тело на парламентот и одлуките ги носи Собранието, а не Надворешната комисија. Не знам какви суптилни пресметки направија и како замислуваат дека дури и Комисијата за надворешни работи ќе одобри одлука која не ги штити националните интереси на Бугарија и која оди подалеку од Преговарачката рамка и Декларацијата на Парламентот од 2019 година – вели Захариева.
Таа критикува дека Бугарија дава контрадикторни сигнали во ЕУ, односно премиерот кажува едно, а Рамковната позиција вели друго.
– Кога со истите комесари и премиери едни зборуваат едно, а други друго, ова прави позицијата на Бугарија да изгледа смешно во очите на нашите европски партнери и особено во РС Македонија, која отсекогаш се обидува да сугерира и да објаси дека ставот на Бугарија, кој го развија владата на ГЕРБ и бугарскиот парламент е мала домашна политичка игра. Дури и предизборно се велеше дека тоа не е мислење на бугарското општество итн, иако гласањето на собранието покажа дека сите политички партии, вклучително и опозицијата, едногласно го поддржаа Рамковниот став. За жал, Кирил Петков влезе во играта на РС Македонија, ветувајќи дека ќе ги направи овие компромиси кои нема да го одразуваат она што го сака Бугарија – вели Захариева, според која нема потреба да се брза со кревање на ветото.