
Загубивме 10.000 војници, ама руските жртви се многу побројни, велат од Киев
Околу 10.000 украински војници загинале од почетокот на руската инвазија врз Украина, изјави претседателскиот советник Алексеј Арестович, цитиран од новинската агенција УНИАН, нагласувајќи дека загубите на Русија се многукратно поголеми.
Препорачано
Претседателот Володимир Зеленски ја обвини Москва дека сака да ги уништи сите градови во Донбас.
Уличните борби продолжуваат во клучниот град Северодоњецк. Проруските сепаратисти велат дека опколиле украинска група во централата Азот, но патот западно низ градот Бахмут е цврсто под украинска контрола и нема опасност од опколени повеќе бранители, изјави за Телеграм гувернерот на регионот Луганск.
Руските агенции јавуваат дека околу 300 украински војници заглавени во централата Азот зеле цивили како заложници и се во преговори за нивно ослободување во соседен Лисичанск. Се известува и за епидемии на дизентерија и колера во азовското пристаниште Мариупол. Градот падна под руска и сепаратистичка контрола минатиот месец, по 80 дена борби во кои загинаа многу цивили.
Русија ја обвинува украинската војска дека ги гранатирала Горловка и Доњецк, градови под контрола на сепаратистите во источна Украина.
„Русија сака да го срамни со земја секој град во Донбас“, рече украинскиот претседател Зеленски во своето вообичаено видеообраќање.
„Секој ден ги повторувам овие градови – Северодонецк, Лисичанск, Бахмут, Славјанск и други. Русија сака да го срамни секој град во Донбас и тоа не е претерување. Ова е веројатно најбрзиот пример за деградација на една земја, пат што руската страна го помина за 107 дена“.
Претходно, во разговор со студенти и професори на британските универзитети, Зеленски рече дека во областа на безбедноста се појавила нова тројна политичка унија меѓу Киев, Лондон и Варшава.
Тој ја коментираше и смртната казна на двајца Британци и еден Мароканец кои се бореле на страната на Украина, која ја изрече судот во градот Доњецк. Според него, тоа е сигнал до сите политички лидери и земји кои не сакаат да ги уништат односите со Русија покажувајќи им како функционира Москва.
Според украинското Министерство за одбрана, крајната цел на руските напади останува „уништување на украинската државност“ и формирање на марионетска влада во Киев.
Магацини за жито во украинското црноморско пристаниште Николаев се уништени во руски ракетен напад, соопшти украинската страна.
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации предупреди дека меѓу 11 и 19 милиони луѓе се изложени на ризик од хронична глад оваа година поради намалениот извоз на пченица и друга храна од Украина и Русија.
Властите во регионите Запорожје и Керсон, цитирани од ТАСС, соопштија дека првите руски пасоши на кандидатите за руско државјанство биле издадени во Мелитопол и Керсон.
Претходно оваа недела беше објавено дека повеќе од 70.000 луѓе поднеле барање за руско државјанство.