
Загатка за советниците: За кои точно проекти ќе се трошат пари од градскиот буџет во 2023?
Советниците во Советот на Град Скопје неодамна го добија предлог буџетот, а расправата по него и донесувањето се предвидени на седницата која треба да се одржи наредната недела, поточно на 27 декември.
Препорачано
Сепак, советниците велат дека годинава во него нема детален приказ за тоа за кои точно проекти ќе се трошат пари од буџетот и колку.
Марија Андоновска, координатор на советничката група на ВМРО-ДМНЕ, вели дека го добиле предлог буџетот, но дека тој не е доставен во онаа форма која досега се практикувала, а тоа е да е доставен до советниците, со подставки и образложение, туку е со општи ставки.
Претседателот на Советот од името на сите советнички групи побара од градоначалничката да го добиеме буџетот со објаснување, пример за кои проекти или за кои улици се предвидени средства, но до ден денес одговор од градот нема. Буџетот треба да биде донесен до крај на декември или најдоцна до март, но ако не се донесе во декември, во тој случај од декември до март треба да има времено финансирање. А ако не се донесе ни до март, законот предвидува распуштање на советот и нови избори – објаснува Андоновска за „Слободен печат“.
Слични забелешки имаат и советниците од „Зелен хуман град“.
За разлика од претходни години, во овој документ го нема дополнителниот табеларен приказ кои проекти точно спаѓаат во секоја секција и колкав буџет е определен за секој проект. Без тој дел, многу е потешко да се види како изгледа распределбата на буџетските средства, а ние како советници на утрешниот состанок со градоначалничката ќе инсистираме да го добиеме и тој дел – велат од ЗХГ.
Оттаму додаваат дека за заштита на животната средина се планирани само 96 300 000 денари што е 1,36 отсто од планираниот буџет, додека за одржување и изградба на патишта 1 106 800 000 денари, односно 15,6 отсто од буџетските средства во 2023 година.