
За половина година не се потрошени ни третина од парите за капитални проекти
Кога се следат капиталните инвестиции, обично под лупа се става Министерството за транспорт и врски, а таму за шест месеци се потрошени 34,5 отсто од парите. Загрижувачко е што и во Министерството за здравство има потрошено само 13,9 проценти од предвидените пари
Поразителни се податоците за реализација на капиталните проекти. Во првото полугодие од годинава се потрошени неполни 258 милиони евра, или 32,2 проценти од целиот планиран износ за годинава, покажуваат податоците на Министерството за финансии.
Препорачано
Кога се следат капиталните инвестиции, обично под лупа се става Министерството за транспорт и врски, а таму за шест месеци се потрошени 34,5 отсто од парите. Имено, потрошениот износ е 94,4 милиони евра, а има за трошење уште 176,4 милиони. Загрижувачко е што во Министерството за здравство има потрошено само 13,9 проценти од предвидените пари, а тоа е износ од 1,3 милиони евра. Малку пари се потрошени и во Министерството за образование – износ од 11,6 милиони евра, што е 24,7 проценти од целиот износ за годинава.
Реализацијата на капиталните инвестиции е проблем што се повторува со години. Дури и економските експерти редовно повторуваат дека не е толку проблем задолжувањето на земјата, колку што е проблем искористувањето на парите, а многу често задолжувањето се правда токму со проекти за изградба на патишта, водоводи, училишта.
Додека се трошат парите од Буџетот за 2025 година, институциите веќе почнуваат со конципирањето на буџетските барања за 2026 година, а се очекува и вообичаената полемика дали буџетот е развоен, концепт што секогаш го брани партијата на власт, или пак социјален, како што го претставува опозицијата.
– Нормално е секоја година државната каса да биде поголема затоа што економијата расте, а и потребите на самата држава. Но, она што загрижува е реализацијата на капиталните инвестиции. Раст на буџетските расходи што се заснова на раст на платите и на други оперативни трошоци може само да ја подгрее инфлацијата, додека раст што се заснова на капитални инвестиции доведува до повисок животен стандард, повисоки плати – вели економскиот аналитичар Абил Бауш.
Но, дека самата реализација на Буџетот е пред сè за социјалните ставки, а развојната компонента продолжува да останува во сенка, констатирал и Фискалниот совет во својата оцена за реализацијата на Буџетот во вториот квартал.
„Структурата на реализација на јавните расходи е на неадекватно високо ниво, односно реализираните расходи за плати, надоместоци, социјални и други трансфери како и расходите за подмирување на долговите (како внатрешниот така и надворешниот долг) е на штета на расходите за стока и услуги и особено на расходите за капитални инвестиции. Последните две категории се карактеристични како економска димензија на буџетот наспроти другите (горенаведени) како социјална димензија што очигледно доминира не само по структура туку и по динамика“, пишува во анализата на Фискалниот совет.
Со јулскиот ребаланс на Буџетот, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски образложувајќи го зголемувањето на расходите спомена дека тоа се должи и на зголемување на капитални расходи, особено кај оние што биле успешни во реализацијата, пред сè кај Министерството за одбрана. Реализацијата на капиталните расходи на Министерството за одбрана за шест месеци е 54,7 отсто од планираните средства за цела година, односно таму за шест месеци се потрошени 74,5 милиони евра за капитални проекти.
Глигор Бишев, претседател на Фискалниот совет, при носење на ребалансот на Буџетот апелираше во Министерството за финансии што побргу да се оформи единицата за управување со јавните средства, а пред секој позначителен инвестициски проект да има „кост-бенефит“ анализа, отчетност на јавните институции, особено на јавните претпријатија и контрола на јавните институции. Тој побара и цврста фискална дисциплина за единиците на локалната самоуправа, каде што државата префрла големи пари за општински проекти.