Фотографија: Medija centar Beograd

За победата пред новиот пораз

Еве ни ја циничната предност пред Скопје: таму имаше надеж, но беше изневерена; овде нема дури ни надеж. Однапред се помируваме со градовите и световите коишто ќе ни ги остави во аманет најлошиот меѓу нас.

Кога пред неколку недели Зоран Заев и неговите следбеници ја загубија власта во (мојот роден град) Скопје и повеќето други македонски градови и општини, многумина – вклучително и писателката и нашата брилијантна колумнистка Румена Бужаровска – извикаа на тој ужас наречен „се враќа Груевски“, или барем неговите епигони. И јас, гледајќи ги работите од безбедно растојание, се обидов да се згрозам, но не успеав. Ме обзеде рамнодушност… Зошто? Ќе се обидам да го објаснам тоа во следните редови. И зошто оваа „македонска афера“ воопшто не засега „нас“? Затоа што тие работи се и тоа како наши и директно се однесуваат на она што ни претстои овде, во Белград, Нови Сад, Ужице, Ниш.

За време на Груевски и ВМРО, Скопје стана глобално разгласено урбано-естетско-политичко фрик шоу, ултрагигакичесто остварување на квазинационалните фантазии на „лудиот шеширџија“, забавен парк за „идентитетски“ горди идиоти. Оние што гласаа против десетгодишната тиранија на ВМРО над добриот вкус и здравиот разум, меѓу другото гласаа и против она во што се претвори центарот на овој град; тие гласаа да им се врати нивниот град. И победија. Новата влада, во многу важна симболична смисла, имаше само една задача: да го демонтира целиот тој „антички“ циркус и да го однесе на депонија. Патем, тоа е само куп „споменичка бижутерија“, не е ниту технички ниту финансиски прескапо сето тоа да се фрли во ѓубре. А политички? Политички сигурно е малку поскапо, но тоа е цената што мораше да се плати, инаку целата оваа гужва е сосема бесмислена.

Меѓутоа, четири години подоцна, Скопје изгледа сосема исто како во времето на подигање на оние луди кулиси за гротескно патување, односно „Скопје 2014“ полека станува нешто како негов траен идентитет. Не привремена девијација, туку историска, иреверзибилна промена. Некој што не следи што се случува, би помислил дека „Груевски“, барем како метафора, цело време владее на бреговите на Вардар. На крајот на краиштата, дали би згрешил? А ако веќе ја нема таа симболички централна разлика, тогаш за што зборуваме, и зошто воопшто да се трудиме?
Се разбира, ако живеам во Скопје и ако гласам во Скопје, ќе одев на избори и ќе гласав против враќањето на ВМРО, тоа се подразбира; но, зарем би имал право да бидам изненаден и навреден од поинаков исход?

Ајде, сепак, да замислиме дека власта на Заев и неговиот тим ги отстрани од улиците сите отстранливи симптоми на една сериозна дијагноза, а потоа сепак ги загуби изборите; во тој случај, со право би можеле да кажеме „ех, какви луѓе се тие, гласаат за најлошите“ итн. Вака, што знам… Не е едноставно да се убедат луѓето да гласаат за оние чија единствена амбиција е низ сопствената власт да протрчаат незабележано.
Во ред, сега се селиме 442 км северно.

Ако во Белград доаѓате со автобус, преку главната автобуска станица што таму ги одбројува последните недели или месеци покрај Сава и „трамвајскиот“ мост, автобусот ќе ве провози во бесплатна обиколка низ т.н. Белград на вода, каде што можете да му се восхитувате на сè што никнало или пораснало од вашето претходно доаѓање, вклучително и т.н. Кула Београд, или како и да се вика, таа одвратна, простачка градба што Марко Видојковиќ во својата колумна ја нарече „ѓубре“, што е веројатно најточниот можен израз, сето тоа со наводно вулгарните асоцијации што ги предизвикува. И во која, патем, нема ништо еротско, бидејќи силувањето не е еротско. А ѓубрето, краставица или што и да е, е последниот печат на едно перманентно, групно силување.

Е сега, (одличниот) текст на Видојковиќ е еден вид ламент, што може да се сведе на оваа суштина: луѓе, она што се појавило и што се појавува, тука е за да остане: „Тоа е Белград сега и отсега“, вели М.В. А, исто така, вели дека не забележал никаков ентузијазам кај сегашната опозиција за, еден убав ден, на терен и во практика да го поништи она што никогаш не смеело да се случи (а што сепак може да се поништи; тоа не е убиство, па не можеш да го воскреснеш човекот!), од телото на Белград да се отстрани осмиот патник, кој е инсталиран паразитски да го исцица целиот живот од него.

И ете ни ја тажната, цинична предност над Скопје: таму имаше надеж, но е изневерена; овде нема дури ни надеж. Однапред се помируваме со градовите и световите коишто најлошиот меѓу нас ќе ни ги остави во аманет еден далечен ден кога можеби некако ќе успееме да ги истераме од власта. И што ќе се случи тогаш? Па, баш ништо посебно. Ќе нè остават да валкаме (копрцаме) во слабоста, конфузијата и други форми на културно-политичка ништожност, малку ќе се одморат лежејќи на украдените милиони, а потоа лежерно ќе се вратат на власт. А зошто и да не се вратат? Тие барем ја менуваат стварноста, вклучително и јавниот простор, додуша на полошо; оние што немаат храброст и стратешка памет дури ни толку за да ги исчистат трагите на своите злодела, не се сфаќаат сериозно ниту себе, ниту нас од кои бараат гласови. По нив ништо нема да биде именувано, како што вели поетот. А ни ние самите не се сфаќаме сериозно, бидејќи да беше поинаку, немаше да дозволиме да се најдеме таму каде што сме. Така што – си се знаеме ние, кој нè е*е…

Значи, кулиштето го градиме и ние самите, секој ден, заедно со Вучиќ. Заедно со него ја срушивме и железничката станица, а пругите ги изместивме. И Макиш заедно ќе го загадиме. И „метрото“ ќе го спроведеме заедно од Никаде до Никаде. И кој знае каде завршува списокот на нашите заеднички достигнувања со нашите весели муабети.
Или сепак, нема? Ајде и тоа да го видиме. За почеток, пенкалата в рака, за никој подоцна да нема изговор дека сакал, а не можел.

Нуспојави

(Колумната е објавена на 22 декември 2021 г.)

(Авторот е влијателен новинар, колумнист и есеист кој почина на возраст од 60 години, по долга и тешка болест. Роден во Скопје во 1965 година, Панчиќ живееше и твореше во Србија.)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот