Општина центар - Фото - Слободен печат / Методи Здравев .
Општина центар - Фото - Слободен печат / Методи Здравев .

За новaта општинска зграда на Центар нема да се бараат владини пари, сѐ уште не е готов проектот

Владата не финансира изработка на проекти, туку само реализација на веќе подготвени проекти. Тарифите за проектирање на ваков тип објекти се високи, а веќе не постои можност за попуст, што претставува сериозен финансиски предизвик, велат од Општина Центар.

Општина Центар ќе аплицира со вкупно осум проекти за финансиска поддршка, од кои седум требаше да бидат поднесени вчера, а осмиот најдоцна до вторник. Ова го тврдат од Општината, откако министерот за локална самоуправа Златко Перински, деновиве посочи дека на вториот повик за доделување средства од Владата за локални проекти, не се јавиле 17 општини, меѓу кои и Општина Центар.

На прашањето зошто досега не аплицирале, од Центар велат дека било потребно време за подготовка на целокупната документација.

 Апликациите се веќе подготвени, потребно беше комплетирање на проектните документации за да може да се достават целосни и комплетни пријави – велат од Општината.

Оттаму објаснуваат дека на првиот повик од Владата добиле средства за втората фаза на реконструкција на салата „Работнички“. Првата фаза од обновата е комплетно завршена и отпочната е втората која предвидува целосна реконструкција и проширување на теренот, поставување нова еластична подлога според ФИБА стандардите, обновување на гледалиштето со нови седишта, реконструкција на соблекувалните и туш кабините, како и поставување климатизација и подно греење.

Фото: Општина Центар

Салата „Работнички“ е срцето на македонската кошарка. Таа е дел од нашето колективно паметење, генерации израснале тука – како спортисти, како навивачи, како луѓе. Денес стоиме на прагот на едно ново поглавје. Првата фаза од реконструкцијата е успешно завршена и отпочнавме со втората фаза. Во септември салата повторно ќе биде во функција, а нашиот „Работнички“ се враќа дома – на својот победнички терен – изјави градоначалникот Горан Герасимовски, кој деновиве направи увид во градежните работи.

Во врска со тоа до каде е проектот за новата административна зграда на локалната самоуправа, за која веќе се избрани идејни решенија, и зашто за него не се аплицирало за владини пари, од Центар велат дека сѐ уште не е подготвен проектот за објектот.

За новата општинска зграда, засега нема да аплицираме затоа што сѐ уште не е подготвен проект, а Владата не финансира изработка на проекти, туку само реализација на веќе подготвени проекти. Тарифите за проектирање на ваков тип објекти се високи, а веќе не постои можност за попуст, што претставува сериозен финансиски предизвик. И покрај тоа, Општина Центар останува посветена на реализација на овој капитален проект и ќе аплицира за негова реализација веднаш штом се изготви основниот проект – одговорија од Центар.

Фото: Општина Центар

Есента Општина Центар на конкурс избра три најдобри решенија за новиот објект, кој треба да се гради на местото каде сега се сместени општинските бараки, изградени после скопскиот земјотрес и стари цели шест децении.

На конкурсот пристигнале 13 идејни решенија, а парично наградени три. Првата награда беше доделена за идејното решение под шифрата „Намат“ на авторите Нина Карангелеска-Тодоровска, Сара Ничота, Милена Шундовска Четелева и Кристијан Ристовски. Втората награда ја доби проектот под шифра „Чклаб“ на „Платформа“ ДОО Скопје, со авторите Емил Јегени, Елена Икономов, Веле Богоевски, Јасна Милојковиќ Муратовска, Ана Галевска Момировска, Јосиф Николовски, Ѓоре Миров и Матеа Јегени, а треторангирано беше архитектонското решение под шифра „Сцена“ на Митко Хаџи-Пуља, Никола Стрезовски, Христина Саљамовска-Трајкова и Теодора Илиевска.

За најдобрите решенија беа доделени и награди и тоа за прво место 750.000 денари, 400.000 денари за второто и 300.000 за третото место.

Најдобрите решенија беа претставени пред граѓаните минатиот месец на архитектонската изложба „Општина за нас“.

Наша цел не е само изградба на нова административна зграда, туку создавање функционален простор кој ќе одговори не само на потребите на вработените, туку и на граѓаните. Комплексот ќе биде модерен, енергетски ефикасен со подземен паркинг со капацитет од околу 300 возила и простор за 100 велосипеди, конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со паркирањето во централното градско подрачје – изјави тогаш Герасимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот