
За да се олесни ангажирањето на работници за „Бехтел и Енка“, власта го менува Законот за странци
Процесот ќе се забрза со исклучување на обврската за мислење од Агенцијата за вработување, а наместо 30 дена, барањето за продолжување ќе може да се поднесе 90 дена пред истекот на дозволата
За да се забрза изградбата на автопатиштата под надлежност на „Бехтел и Енка“, Владата најавува промени во Законот за странци. Новите измени објавени на платформата ЕНЕР имаат за цел да ги олеснат процедурите за ангажирање странски работници, објави Фактор. Со законот се намалуваат обврските што странските работници треба да ги исполнат за привремен престој, како што е доказ за средства за сместување.
Препорачано
Процесот ќе се забрза со исклучување на обврската за мислење од Агенцијата за вработување, а наместо 30 дена, барањето за продолжување ќе може да се поднесе 90 дена пред истекот на дозволата. Според специјалните одредби за стратешки проекти, работниците на проекти од јавен интерес ќе добиваат привремен престој независно од квотите на пазарот на труд.
Министерството за внатрешни работи смета дека измените се во согласност со Законот за утврдување јавен интерес и ќе ја поедностават процедурата за сите компании што вработуваат странци. Според министерот Панче Тошковски, новите решенија ќе овозможат ефикасно спроведување на инфраструктурните проекти.
Според предлагачите, измените нема да предизвикаат нови фискални обврски, ниту дополнителни ресурси за институциите. Исто така, нема да има влијание врз малите и средни претпријатија. Иако се предвидуваат олеснувања, документот укажува на ризици во однос на спроведувањето од страна на институциите.