
За да преживеат, Обединетите нации мора да ја напуштат Америка
Иако потребата за она што го работат ОН сè уште е голема, способноста тоа да го испорачаат очигледно ослабна. Нема начин да преживеат без да ги намалат своите амбиции и потенцијал, но тоа може да бара преселување во некоја погостопримлива земја.
Годишното Генерално собрание на Обединетите нации секогаш е можност да се согледа состојбата на светот. Но, оваа година, на 80-годишнината од основањето, беше и можност да се процени самото постоење на таа организација.
Препорачано
Според сите мерила, положбата на ОН е очајна. Да, ОН не можат да се обвинат за руската агресија против Украина, ниту за зајакнувањето на тензиите меѓу САД и Кина, но сето тоа нагласува еден фундаментален проблем. Советот за безбедност на ОН, во кој Кина, Русија и САД имаат право на вето, не може да излезе од состојбата на вечна конфронтација по различни прашања, блокирајќи го со тоа напредокот на целата организација речиси на сите полиња.
Да ја погледнеме ситуацијата на Блискиот Исток, каде што Обединетите нации играа централна улога во решавањето на конфликтите и мировното работење уште од времето на основањето на државата Израел со резолуција на ОН. Многубројните мировни операции на ОН во овој регион помогнаа да се ублажат тензиите, додека обемната хуманитарна помош, насочена првенствено кон палестинските бегалци, спаси безброј животи. Обединетите нации не успеаја да обезбедат траен мир, но секако помогнаа да се спречат неколку војни и да се скратат оние конфликти што веќе избиле.
Но, последните години Обединетите нации сè почесто се потиснати настрана. Таканаречениот „Квартет“ (ОН, САД, Европската Унија и Русија) денес е само далечен спомен, а бројни операции на ОН се изложени на отворени напади, особено од страна на Израел. Владата на Израел не само што ги доведува во прашање хуманитарните напори на УНРВА (Блискоисточната агенција на ОН за помош на палестинските бегалци и организирање на работите), туку и ја блокира работата на ОН секогаш кога ќе се укаже прилика.
До нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, ситуацијата во Газа остануваше релативно стабилна благодарение на ОН. Иако оваа организација не успеа да ги надмине несогласувањата меѓу Палестинците (особено по доаѓањето на Хамас на власт во Газа во 2006 година), таа помагаше да се обезбедат основни средства за опстанок за два милиони жители на таа енклава. Но, денес Израел ги доведува во прашање и ги критикува речиси сите аспекти на работата на ОН на тоа поле. Тој тоа не би можел да го прави без премолчена поддршка од САД. Конкретно, американскиот претседател Доналд Трамп покажа дека е подготвен да се помири практично со сите потези на екстремистичката влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Истовремено, ОН едвај успеваат да мобилизираат делотворна помош во Јужен Судан (држава пред распад) и во Судан, каде што смртоносната граѓанска војна трае веќе трета година. Покрај тоа, почнувајќи од отцепувањето на Катанга во 1962 година до неодамнешните мировни операции во североисточно Конго, Централна Африка и понатаму останува проблем за мировниците и посредниците на ОН.
Во светот денес не недостасуваат кризи кои бараат интервенција на ОН: Газа, Судан, Демократска Република Конго, Хаити, Мјанмар, Авганистан – и тоа е само мал дел. Но, големите сили се фиксирани на меѓусебна конфронтација, а администрацијата на Трамп не само што одбива активна поддршка, туку тоа го прави дури и со финансирањето на ОН, поради што изгледите на организацијата делуваат мрачно.
Америка обезбедува 25% од финансирањето на ОН, но го прекина плаќањето на придонесите. На САД, исто така, традиционално отпаѓа голем дел од доброволното финансирање на хуманитарните операции, а и тие износи се намалени. Ситуацијата дополнително ја влошува фактот што Кина, вториот најголем спонзор на ОН, исто така доцни со уплатите.
Финансиската ситуација во Обединетите нации станува очајна, поради што генералниот секретар Антонио Гутереш предупредува дека ќе биде потребно да се намали персоналот на организацијата за околу 20 проценти. Се вели дека моралот во Организацијата е на ниско ниво, како и изгледите да дојде до позитивни промени. Неодамна, обраќајќи се на Генералното собрание, Трамп јасно даде до знаење дека кон ОН чувствува само презир. Се чини дека постои само една улога што е подготвен да им ја довери: да му помогнат да ја добие Нобеловата награда за мир. Не треба да се сомнева дека, за време на претстојното преиспитување на повеќестраните обврски на Америка, администрацијата на Трамп ќе донесе уште повеќе лоши вести.
Има ли Организацијата на Обединетите нации има иднина? Потребна е повеќе од кога било, но нејзините можности се очигледно намалени. Нема да може да преживее ако не ги намали амбициите и потенцијалот. Прашањето како точно тоа ќе се постигне ќе стане централно во наредните неколку години.
Мандатот на Гутереш истекува во 2026 година, па процесот на избор на негов наследник ќе мора да биде проследен со дискусија за гаранциите за долгорочен опстанок на ОН. Преселување на седиштето од САД делува како природен чекор, и тоа не само поради престанокот на американското финансирање и потребата за штедење, туку и поради одбивањето на Америка да издава визи за учесниците на седниците на ОН (како што направи оваа година со палестинското раководство).
Да, Обединетите нации без седиште во Њујорк ќе бидат многу поинаква организација. Но, таквата релокација можеби е единствената опција за опстанок. Даг Хамаршелд, вториот генерален секретар во историјата на ОН, истакнуваше дека оваа организација не е создадена за да ни направи рај, туку за да нè спаси од пеколот. Денес, таа задача е поважна од кога било. За да остане сè по старо, сè мора да се промени.
Вијести
(Авторот е поранешен министер за надворешни работи на Шведска)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“