Врховен суд го „плесна“ ФЗОМ: Колку дијализни третмани се спроведени, толку мора да се платат!

Фондот за здравство наместо да си ги плаќа долговите, троши државни пари на судски постапки и поднесува барања за ревизија до Врховниот суд за над 3 илјади дијализни третмани врз пациенти со бубрежни проблеми – третмани за кои пониските судови веќе пресудиле дека Фондот е должен да ги плати, бидејќи дијализните пациенти не можат да бидат одбивани за овој животоспасувачки медицински третман, ниту пак смеат да бидат враќани со образложение дека „договорот меѓу ФЗОМ и Центарот за дијализа Диамед предвидува точно определен број на дијализни интервенции кој не смее да се надмине“.

Врховниот суд ја одби ревизијата на Фондот за здравство. Фактот што предметот дошол до Врховен суд каде Фондот поднел барање за ревизија, покажува дека иако фактурите од негова страна се платени во јануари 2024 година, сепак во правните лавиринти ФЗОМ не се откажале од докажувањето дека се обесправени.

Станува збор за 3.422 хемодијализни третмани коишто Центарот за дијализа „Диамед Македонија“ ги пружил на здравствените осигуреници во 2019 и 2020 година, а пониските судови прифатиле дека ФЗОМ е должен да ги плати. Износот е речиси 19 милиони денари или околу 300 илјади евра.

„Неосновани се ревизорските наоди на ФЗОМ дека не е должен да го плати утужениот износ бидејќи во членот 10 од Договорот било предвидено дека услугите извршени над износот на договорениот квартален надоместок се искажува на посебен извештај по дејности кој служел за евиденција и анализа при утврдувањето на договорениот надомест за наредниот период“, пишува во пресудата што ја донесе Врховниот суд.

„Диамед Македонија“ ги дал хемодијализните третмани во 2019 и 2020 година и со увид во досиејата на сите пациенти било неспорно утврдено дека услугите се извршени како и дека фактурите биле изготвени врз основа на веродостојна документација. Врховниот суд во својата одлука во целост се согласил со пониските судови дека обврската на ФЗОМ е да го плати тужениот износ за 3.422 хемодијализни третмани затоа што така налага Законот за здравствена заштита каде што се наведени загарантираните права и утврдени потреби и интереси на државата во обезбедувањето здравствена заштита и затоа што на сите граѓани на Македонија им се обезбедени трошоците за третман со дијализа.

Наспроти ревизорските наоди на Фондот, според Врховен, правилно пониските судови утврдиле дека согласно Законот за здравствена заштита, осигурениците кои се корисници на дијализа уживаат посебна заштита од државата која се обезбедува преку средства со кои располага Фондот, а не центарот за дијализа „Диамед Македонија“.

„Не може да се прифати дека на кој и да е пациент осигуреник упатен на дијализа може да му биде одбиено давањето на услугата која согласно Законот за здравствена заштита е услуга од посебен интерес“, наведува Врховниот суд во својата одлука.

Оттаму додаваат дека правилно судовите заклучиле дека ако се појават повеќе пациенти на кои им треба хемодијализа, над предвидениот буџет на ФЗОМ, тогаш и за нив плаќа Фондот, а не приватната здравствена установа која ги извршила тие услуги или пак самите здравствени усигуреници.

„Ниту во договорот ниту во законските одредби не е предвидено дека при надминување на лимитираниот износ, продавачот на услуги да може освен пресметаната партиципација од осигуреникот да ја наплати и фактичката цена за извршената услуга, а не е предвидено ни дека една приватна здравствена установа која врши одредена дејност, за истата таа дејност да издаде нов упат со кој ќе го пренасочи пациентот кој побарал услуга од неа, кон друга соодветна установа“, потенцира Врховниот суд во пресудата во која увид имаше „Слободен печат“.

Фондот за здравство бил должен при зголемени потреби за дијализни третмани, да побара зголемување на предвидените средства со релабанс на буџетот, а не како што постапил во конкретниот случај, да одбие плаќање за извршените услуги со образложение дека не биле обезбедени дополнителни средства за таа намена.

Од „Диаверум Македонија“ за „Слободен печат“ изјавија дека фактурите од речиси 19 милиони денари биле за 2019 и 2020 година и во тоа време ФЗОМ ги немал платено, па медицинската установа морала да почне судска постапка. По добивање на судската пресуда фактурите се исплатени во целост. Услугите биле фактурирани во месецот кога настанале, но не биле платени во тоа време, бидејќи Фондот немал предвидено буџет за тие третмани и тогаш одлуката била дека поради тоа што нема буџет, истите нема да се платат.

– Затоа ние решивме наплатата да ја бараме по судски пат, бидејќи ние тие третмани сме ги реализирале за пациенти кои се осигуреници на Фондот. Од 2021 година овој тип на проблеми беа надминати и од тогаш редовно се плаќаат фактурите за услугите кои се реализирани. Во моментов имаме уште еден активен судски случај за ненаплатени фактури од 2018 година, изјавија за „Слободен печат“ од „Диаверум Македонија“.

Од ФЗОМ за „Слободен печат“ велат дека причината поради која Фондот првично не ги исплатил побаруваните средства е фактот што со фактурите поднесени од „Диамед Македонија“ бил надминат договорениот годишен надоместок за здравствени услуги, утврден со договорот склучен меѓу Фондот и установата.

– Согласно договорните одредби, здравствената установа има право да фактурира најмногу до висината на договорениот износ, а доколку пружи услуги над таа рамка, истите се прикажуваат во посебен извештај кој може да биде основа за определување на надоместокот во наредните години. Сепак, судовите застанаа на став дека согласно со законските прописи, пред сè Законот за здравствена заштита, пациентите кои се корисници на хемодијализа уживаат посебна заштита од државата. Затоа, услугата што им следува не смее да биде одбиена или одложена поради исцрпување на договорниот надоместок, а трошоците за извршените услуги не можат да бидат префрлени на здравствената установа која ги пружила, туку се на товар на Фондот кој има обврска да обезбеди доволно средства за сите потребни здравствени услуги на осигурениците, велат од ФЗОМ за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот