
Времето на опасни настани е пред нас, државата го активира сигурносниот аларм
На кој начин Македонија може успешно да им се спротивстави на безбедносните закани што ја загрозуваат регионалната и глобалната сигурност но и дали постои реална закана по територијалниот интегритет и суверенитет на земјава како резултат на глобални потреси на Блискиот Исток, во Украина но и оние на северот на Косово.
Препорачано
Овие дилеми и слични други се актуелни во домашната јавност откога претседателот на државата Стево Пендаровски вчера свика седница на Советот за безбедност, највисокото советодавно тело во Македонија, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Експертите покрај тоа што советуваат за поголема претпазливост освен оценката на државниот врв дека ситуацијата е стабилна истовремено велат дека граѓаните треба транспарентно и навремено да бидат информирани за сигурноста на државата која е поврзана со глобалните случувања и заканите што доаѓаат од тероризмот.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, во свој коментар на актуелните настани, вели дека фокусот на средбата на државниот безбедносен врв кај претседателот Пендаровски во овој миг треба да се насочи кон трансграничната соработка во рамките на евро-регионите во насока на размена на информации поврзани со глобалните случувања. Според него засега состојбите во Македонија во моментов се стабилни а расплетот на прашањето за статусот на северот на Косово нема да влијае негативно на состојбите во Македонија
– Водени од логиката на претпазливост, земјите на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, неминовно е во интерес на нивните граѓани да ги зближуваат релациите токму поради истите причини и цели а тие се сигурноста на своите граѓани во услови на светски безбедносни премрежја како оние меѓу Хамас и Израел но и во Украина. За жал, калкулантството на некои од посилните балкански држави за цел на своите интереси е препознатливо дури и во вакви моменти на добра волја на државите од опкружувањето за искрена соработка во насока на амортизирање на безбедносните потреси и понатамошен напредок. Во едни вакви времиња неопходно е да има чести средби од ваков карактер кај претседателот Пендаровски на кои ако ништо друго ќе се разменат согледувања на првите луѓе на институциите кои се грижат за националната безбедност – вели Стефановски.
Инаку последен пат Советот за безбедност одржа седница во јануари годинава, кога беа одржани разговори за безбедносната состојба во земјата. Тогаш исто така беше разговарано за состојбата во Косово, како и за односите со Бугарија и за процедурата во Собранието за донесување на уставни измени.
Освен претседателот Пендаровски, членови на Советот за безбедност на Република Северна Македонија се Талат Џафери, претседател на Собранието, премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и универзитетските професори Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.
Претходно Пендаровски најавувајќи ја утрешната седница, наведе дека поволна околност за Македонија е тоа што е членка на НАТО и дека со тоа редовно добива брифинзите за развојот на состојбата во однос на конфликтот Хамас – Израел.
„Меѓутоа Советот за безбедност секако ќе биде свикан, не само за последниот развој на настани на Блискиот Исток, туку и за случувањата на северот на Косово и војната во Украина“, изјави Пендаровски неодамна.
Како резултат на тоа што Македонија е член на колективниот безбедносен сојуз, земјава по барање на НАТО мината недела одлучи да го зголеми и својот контингент на војници на Косово.
„Досега на Косово имаше околу 4 500 војници, треба да има околу 5 000, и секоја држава во рамки на своите можности го засилува својот контингент. Тоа не тајна. Ние имаме 64 војници во моментов таму, сакаме да однесеме уште 25, 26 во еден од секторите, тие ги нарекуваат зони на одговорност на Косово“, изјави претседателот Пендаровски.
Слично како Пендаровски минатата недела и министерката за одбрана Славјанка Петровска изјави дека земјава во моментов нема лоцирано закани по безбедноста на државата и на граѓаните.
– Институциите, службите, безбедносно – разузнавачката заедница будно ги следат случувањата во Израел и Украина, разменуваат информации и на национално ниво и во рамките на НАТО алијансата и соодветно се подготвуваат доколку се лоцира предизвик да се реагира, изјави Петровска во Охрид каде имаше средба со припадниците на доброволните противпожарни друштва од земјава.