Фото: Сојуз на синдикатите во Македонија

Вработените во „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“ пак протестираа денеска – од утре блокади низ Скопје

Работниците протестираат поради неисплатената августовска плата, која требало законски да биде исплатена до 15 септември, а вработените во „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“ за утре најавија порадикален протест со блокади на повеќе крстосници во Скопје.

Вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје и во друштвата „Флораком“ и „Луна“, фирми-ќерки на ова претпријатие, денеска повторно излегоа на протест бидејќи сѐ уште не им е исплатена платата за август. Од утре најавуваат порадикални протести и блокади на повеќе кртосници во главниот град.

– Согласно нашето барање, изнесено на вчерашниот протест од страна на раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, не беше исплатена платата за август, која законски требаше да биде исплатена до 15 септември. За жал, по информациите кои ги добивме изгледите за да се исплати денес плата на вработените од овие фирми се мали и затоа ние како Синдикат СУТКОЗ; кој е единствен репрезентативен синдикат за комунални дејности, заедно со нашата синдикална организација во ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје и вработените во овие три фирми; утре повторно ќе излеземе на протест, кој ќе биде порадикален. Ќе бидат блокирани повеќе кртосници во Скопје, а тоа ќе го договориме со вработените во овие три претпријатија – изјави за МИА претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија), Стојанче Кашиковски.

Тој информира дека како синдикат, заедно со стручниот тим во ЈП „Паркови и зеленило“, иницирале да се изнајде нов модел за финансирање на претпријатието, по искуствата од соседните земји.

– Тоа планираме да го изработиме како документ во наредните две недели. Со оглед на тоа дека има локални избори на 19 октомври, планираме нашите предлози на 15 или од 16 октомври да ги изнесеме во јавност и да побараме од идниот градоначалник, без разлика кој ќе биде, да го земе тоа предвид како начин за финансирање на ова претпријатие и на фирмите „Флораком“ и „Луна“. Гледаме дека досегашниот начин на финансирање придонесува за нередовна исплата на платите, додатоците на плата, како и потешкотии во функционирањето на претпијатието – рече Кашиковски.

Тој најави дека дополнително ќе информираат за улиците кои утре ќе бидат блокирани.

Вработените од ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, „Флораком“ и „Луна“ во понеделникот два часа го блокираа булеварот „Илинден“ поради нередовна исплата на плати и неисплата на додатоци на плати, како отпремнина за оние што одат во пензија, регрес, К-15, јубилејни награди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот