
Вработените во ЦЈЗ Охрид за разрешувањето на д-р Точков: Згасна нашиот ентузијазам, разрешете не и нас!
Вработените во Центарот за јавно здравје Охрид реагираат на одлуката за смена на директорот Сашо Точков. Како што потенцираат писмото е емотивен исказ на вработените и не е поврзано со ниту една политичка формација, групација или било каква организација.
Препорачано
За вршител на должност раководител на Центарот за јавно здравје Охрид времено е назначен Д-р Ѓоко Констаниновски.
-Веќе втор ден сме во жалост, веројатно никој не е свесен што ни се направи со разрешувањето на Сашо Точков од функцијата директор на Центарот за јавно здравје -Охрид. Овој текст го пишуваме со преголема тага, гнев и револт, но со многу љубов и огромна поддршка за човекот кој цел свој работен век, а посебно изминативе неколку години на позиција директор даваше огромен дел од себе и придонесуваше кон здравството на локално но и на национално ниво- се вели во писмото од вработените.
Во писмото вработените во ЦЈЗ Охрид го искажуваат својот револт за одлуката за смена на Точков.
-Со овој чин, во нас се скрши сѐ во што ние верувавме, згасна нашиот ентузијазам, вербата во подобро утре. Пред себе имавме лидер со една цел: Охрид да биде подобро место за живеење, а денес Охрид е во тага! Сашо е вистински човек, хуман, чесен, посветен, визионер, препознатлив и потврден од целата заедница. Како професионалец, секогаш на ниво на задачата. Како менаџер и лидер: никогаш не сме имале некој како него без штедење и без срам да учествува во секој процес и да помага на секоја позиција и на секој вработен. Повеќето сме преку 20 години вработени во Центарот за јавно здравје Охрид и сме имале многу директори, но ваков препород како последните три години Центарот не доживеал. Она што за нас, како вработени беше и е најважно е позитивниот амбиент во установата, слогата и ентузијазмот на вработените, мотивацијата која секогаш ни ја даваше. Секогаш напред да не води и бодри, и секогаш назад да не поддржи Сашо направи љубовта кон професијата и кон работното место да ни се зголеми за илјада пати- се вели во писмото од вработените.
Секој празник пациентите се почастени со скромни подароци, велат вработените, а секој илјадити пациент награден за довербата.
Денес Сашо Точков не е веќе директор на Центар за јавно здравје Охрид. Неговата загуба е минимална, потенцираат во писмото, оние што губат сме ние, неговите вработени. Губи Охрид!
-Верувам дека многумина од вас ќе се согласат со нас и ќе го осудат овој чин. Бидете дел од решението, а не од проблемот! И ние сме Сашо Точков! Разрешете не и нас, пишува во писмото на вработените во Центарот за јавно здравје на Охрид.
Сашо Точков беше в.д. раководител на Центарот за јавно здравје во Охрид во 2017 година, а лани доби решение за раководител.