
Војната на ВИ моделите
Борбата за доминација на светскиот пазар за ВИ се вжештува. Кина се обидува да „украде“ големо парче од пазарот, САД возвраќаат со законски забрани, додека ЕУ мака мачи да остане заштитена преку нови регулативи.
Моделите на вештачка ителигенција ЧатГПТ (ChatGPT) на OpenAI, Џемини (Gemini) на Гугл (Google) беа најпопуларни на пазарот додека не излезе кинеското „чудо“ ДипСик (DeepSeek) и ги сруши акциите на останатите ривали. Чудо беше затоа што за неговото создавање биле потребни помалку од 10 милиони долари и не повеќе од 2 години со мал број на вработени (околу 200), додека за ЧатГПТ биле потребни 6.6 милијарди долари, над 4.500 вработени и бил развиван повеќе од една деценија. Дополнителен удар за индустријата за вештачка интелигенција и компјутерска технологија е фактот дека кинеската вештачка интелигенција користела H800 модел на чипови на Nvidia кои биле поевтини од скапите чипови кои се користат за развивање на вештачката интелигенција.
Препорачано
Иако акциите на Nvidia паднаа истиот ден по лансирањето на ДипСик и изгубија околу 600 милијарди долари, и подоцна повратија одреден процент на вредност, алармот беше вклучен. Tоа е стравот од конкурентноста на кинеските производи на ВИ (вештачка интелигенција) и степенот на транспарентност и заштита на личните податоци додека се користи ВИ произведена во Кина.
ДипСик веднаш доживеа хакерски напади кои ја отежнаа неговата работа, но и на почетокот покажа ограниченост во својата ефикасност во споредба со ЧатГПТ и Џемини. Интересен е моментот кога било поставено прашање за политичкиот статус на Тајван, Гемини одговорил дека политичкиот статус на Тајван е комплициран, додека ДипСик рекол дека е дел од Кина. Очигледна е пристрасноста на двата модели на ВИ и фактот каде кој е создаден.
Причините за овие разлики во одговорите на моделите лежат во самиот начин на тренирање, поточно „хранење“ на овие модели со информации. ВИ моделите развиени од Гугл биле поконзервативни од моделите на OpenaAI (ГПТ моделите заедно со ЧатГПТ). Дури моделите на иста компанија давале различни одговори врз основа на начинот на кој биле тренирани. Моделот ГПТ-2 на OpenAI изразил поддршка за повисоки даноци за богатите, додека моделот ГПТ-3 не го сторил истото.
Стравот кој се прошири низ западните земји го отвори следното прашање: ако тие можеле да направат модел на ВИ за неколку милиони долари, со мал број на вработени, што друго можат да направат? Стравот отиде до тој степен што ДипСик e забранет за употреба во САД и во Сенатот е предложен закон за казна затвор и финансиска казна која достигнува милиони долари. Забрана за користење на оваа апликација за државни службеници има и во Австралија и Тајван, во Италија не може да се инсталира, додека францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека немаат намера да го забранат ДипСик во Франција и имаат силна намера да соработуваат со индиските компании за ВИ и да ја водат ЕУ во борбата за пазарот за ВИ.
За ситуацијата да биде поинтересна, на крајот на јануари оваа година, кинескиот технолошки гигант Алибаба (кај нас повеќе познат по онлајн продажбата на кинески производи), за време на кинеската нова година, го лансираше својот модел на ВИ, Кивен (Qwen). А за и тие да не бидат покуси, кинеската апликација Баиду (Baidu), пандан на Фејсбук, исто така исфрли свој модел на ВИ на пазарот.
Субјективност и политичка коректност во ВИ ботовите
Фамата која произлезе од појавата на ДипСик им отвори простор на критичарите на (недостатокот на) слободата на говор во Кина. Првите напади врз ДипСик, освен хакерскиот напад, дојдоа од западните медиуми кога го прашувале политички сензитивни прашања за претседателот Си Џинпинг, за Тибет, за настаните на плоштадот Тјенанмен. Тестирањето на ДипСик со политички сензитивни прашања било спроведено на кинески и англиски јазик. За Тјенанмен ја сменил темата на разговор, исто реагирал на прашање за претседателот Си Џинпинг, поставено на двата јазика.
Слична била ситуацијата со прашањето за Тибет. Кинеската верзија одговорила дека Тибет е дел од Кина, додека англиската верзија дала долг одговор со историски факти, за веднаш да го избрише и да ја смени темата на разговор.
Но, да не се залажуваме дека и западните ВИ производи се слободни да дискутираат за политички сензитивни теми. Тестирањето нa ЧатГПТ дало слични резултати како со ДипСик. На прашањето дали претседателите Бајден и Трамп се добри претседатели, за двајцата дал политички неутрален одговор, но не пропуштил да наведе политички успеси за Бајден, додека за Трамп не го направил тоа. Во текот на тестирањето на ЧатГПТ, иако ВИ давала релативно лево ориентирани одговори на политички и социјални прашања, тестерите забележале дека одговорите не се конзистентни во двете верзии (GPT 3.5 и GPT 4). Континуираното „бомбардирање“ на чатот со исти прашања во различни верзии, дава збунети и неточни одговори.
Ако тестерот почне да поставува прашања и коментари против западните политики и организации како ЕУ и НАТО, ЧатГПТ веднаш или зазема страна или не ги критикува овие институции. Првичната верзија на чатот, модел 3, бил тестиран и „хранет“ со информации: 60% материјал од интернет, 22% од содржина одбрана од тестерите, 16% од книги и 3% од Википедија. Во изборот на изворот на информации за тренирање на моделите лежи една од причините за субјективноста на овие модели.
Големите јазични модели на учење преку кои се тестираат ботовите на ВИ (LLM – Large Language Models), содржат и основни правила во нивното функционирање кодирано од креаторите, но не можат да служат како основа за давање на политички мислења затоа што тие се само генератори на информации по одреден код.
Тука се поставува прашањето како оваа субјективност може да се регулира од страна на легислативата и оваа алатка на ВИ да биде максимално неутрална. Одговорот за жал сѐ уште не може да се даде, а од друга страна останува субјективноста на овие модели на ВИ да се употребува за напад на креаторите и државите од кои потекнуваат и да се обвинуваат за ширење на политички убедувања и пропаганда.
Засега најдетална регулатива донесе Европската Унија во 2024 година, со осум точки за заштита и употреба на ВИ, меѓу кои првата е да не се употребува ВИ во манипулација и измама. Сепак, допрва ќе ги видиме резултатите од оваа регулатива.
Заштита и кражба на сите страни
Самиот факт дека еден производ на ВИ е направен за десет пати помалку пари во Кина, користејќи чипови кои се веќе забранети за извоз во Кина од страна на САД, е фрапантен. Иако ДипСик покажа дека не е целосно на ниво со ЧатГПТ, докажува дека за брзо време може да го престигне. Огромните вложувања на владата на САД во ВИ се ставени под знак прашање со „достапноста“ на ДипСик.
Обвинувањата од западните медиуми и политичари за можна кражба на податоци од страна на ДипСик ако се користи во западните земји, не држи вода затоа што уште не постои регулатива на глобално ниво како да се регулира заштитата на личните податоци кои се внесуваат во ВИ и како да се регулира можната злоупотреба на ВИ за ширење на лажни информации и политичка пропаганда. Ова важи за сите модели на ВИ, не само на ДипСик, што значи дека ни оние што редовно го користат ЧатГПТ не се заштитени од кражба на информации, ниту пак дека владата на САД би злоупотребила пристап до корисниците како што се шири паника дека кинеската влада би го направила тоа преку ДипСик.
Борбата за доминација на светскиот пазар за ВИ се вжештува. Кина се обидува да „украде“ големо парче од пазарот, што дополнително ја отежнува контролата над овој сектор и самите ВИ модели.
Сепак, поентата не е во доминацијата туку во правилната употреба на ВИ и заштитата од злоупотреба.
Ни требаат ВИ модели кои ќе го поттикнуваат развојот на медицински решенија за неизлечиви болести, подобрување на плодноста на почва во сушни делови во светот, модели кои придонесуваат со својата работа во генерално подобрување на животот на луѓето. Тука уште многу има да се работи, но со огромен страв и ризик дека човештвото пак ќе ја згреши патеката на развојот и ќе тргне кон самоуништување.
Республика
(Авторката е политиколог)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“