
Водата во Неготино забранета за пиење
Се забранува за пиење водата во Неготино поради присуство на мирис и вкус од непознато потекло во дел од улиците, информираа од комуналното претпријатие во градот.
Препорачано
„Поради проблем со присуство на мирис и вкус од непознато потекло во водата за пиење во делот од уличната мрежа на улиците „Индустриска“, „Маршал Тито“, „29 Ноември“, „11 Октомври“, „Никола Петров“, „Манчо Малиминов“, „Душан Јуруков“, „Димче Мирчев“, „Гоце Делчев“, „Питу Гули“, „Васка Калајџиска“ и ,,Антигона“, се забранува да се употребува водата за пиење“, објавија на Фејсбук од Јавното претпријатие „Комуналец“.
Оттаму додаваат дека во соработка со Центар за јавно здравје Велес и другите надлежни институции, се земаат вонредни мостри за анализа. Се работело на терен за лоцирање и санирање на евентуалниот дефект.
Од претпријатието ги повикуваат граѓаните доколку имаат какво било сознание кое е од корист, да се обратат во Ј.П.„Комуналец“. Апелираат до граѓаните кои живеат во овој град и кои варат ракија, водата за пиење да не ја користат за ладење на вулите и да не оставаат црева во резервоарите за ладење, од кои, како што велат, може да дојде до создавање на вакуум и повлекување на водата во градската мрежа и загадување.
„За вакви случаи ќе следуваат санкции“, појаснија од комуналното претпријатие.
За каква било промена велат дека ќе следи соопштение.