
Во Орман се гради пречистителна станица за отпадни води
Во селото Орман се гради станица за третман на отпадни води. Колекторот кој е проектиран да биде во должина од 633 метри ќе ги прифаќа отпадните води од фекалната канализациона мрежа во Орман и ќе ги спроведува до станица за третман на отпадни води со големина од 1.200 еквивалент жители.
Препорачано
Како што информира градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, претходно, со средства од ТАВ Македонија, во селото е изведена примарна и секундарна фекална канализација.
Во моментов се поставени трите монтажни контејнери на локацијата, а до недела се очекува да се постави и дел од машинство. Со тоа, на почетокот од следната недела, станицата за третман на отпадни води во с.Орман ќе биде инсталирана. Следен чекор е истата да биде прифатена од ЈП „Водовод и канализација“ и во најскоро време да биде ставена во функција. Штом помине и таа процедура, жителите на ова населено место првпат ќе добијат нова комунална услуга за организирано собирање и пречистување на отпадни води – вели Стојкоски.
Тој додава дека станува збор за еден од капиталните проекти реализирани во првите две години од мандатот и многу значаен за овој дел на Ѓорче Петров, затоа што со него и со изградбата на новата канализациона мрежа се решпава долгогодишен проблем на тамошните жители и се урбанизира селото Орман.
Средствата за колекторот ги обезбедуваат Европска Унија, преку Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово и Министерство за локална самоуправа, а кофинансира и Општина Ѓорче Петров.