Дигитална судница во КПУ „Идризово“ / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Во нова судница почна случајот „Адитив“ – На повидок долг процес за докажување на распаднатоста на ЕСМ

Обвинителството со докази ќе докаже дека пред нас стои злосторничко здружување на кое државата му доверила еден од најважните системи за производство на струја. Наместо чесно да ѝ вратат на државата, која високо парично ги наградувала, тие ја злоупотребиле положбата со цел да се збогатат, рече во воведниот збор обвинителката Наташа Поп Трајкова

Долг судски процес со 37 обвинети, без поранешниот директор на Електрани на Северна Македонија Васко Ковачевски, кој е во бегство, е на повидок за да се докаже само еден од криминалите во „златната кокошка“ што ги најавуваше власта, во кој ќе се аргументира институционалната распаднатост на ова претпријатие. Обвинетите во случајот „Адитив“, кој се однесува на криминал со јавна набавка за адитиви, ја сефтоса новата дигитална судница во затворот „Идризово“ каде што седнаа обвинетите поранешни директори со по неколку адвокати.

Обвинителството преку овој случај ќе ја докажува институционалната и моралната распаднатост на ЕСМ и на неговите подружници РЕК Битола и РЕК Осломеј.

Дигитална судница во КПУ „Идризово“ / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

– Ќе докажеме и институционална и морална распаднатост во ЕСМ. Обвинителството со докази ќе докаже дека пред нас стои злосторничко здружување на кое државата му доверила еден од најважните системи, за производство на струја. Наместо чесно да ѝ вратат на државата, која високо парично ги наградувала, тие ја злоупотребиле положбата со цел да се збогатат. На дел од обвинетите државата им имала доделено должност да ја заштитат енергетската стабилност, безбедноста, просперитетот. Наместо да бидат чувари на јавниот интерес, тие лично се збогатиле на сметка на државата со умисла и ги злоупотребиле ресурсите за 398.636.400 денари. Секоја злоупотребена јавна набавка е удар врз граѓанинот, кој плаќа сметки и кој верува дека енергетскиот систем е стабилен и функционира – рече во воведниот збор обвинителката Наташа Поп Трајкова, која заедно со колегата Фатон Азизи ќе го бранат обвинението.

Пандов ги повика судиите да ја користат дигиталната судница во Идризово: Може да се суди и за трагедијата во Кочани

Според неа, набавениот адитив предизвикал штетни последици по здравјето на граѓаните.

Дигитална судница во КПУ „Идризово“ / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

– Ќе докажеме дека јавниот интерес бил свесно запоставен, а набавениот адитив предизвикал и штетни последици по здравјето на граѓаните. Набавката на адитив немала за цел да се обезбедат услови, туку да се стекне противправна имотна корист – дополни таа.

Никој од обвинетите не се чувствуваат виновни

Иако судијката што го води овој процес Даниела Димовска ги поучи обвинетите дека ако признаат вина, тоа ќе им се смета како олеснителна околност, „не дека пола ќе им се прости“, сепак никој од обвинетите не призна вина. Сите беа категорични дека „не се виновни“. Адвокатката на Ковачевски побара дури и да се одложи судењето затоа што неговата ќерка ја ангажирала дури вчера, но за него беше донесена одлука да му се суди во отсуство.

Ковачевски не седна на обвинителна клупа, но седна неговиот наследник Васко Стефанов. Ковачевски е обвинет за несовесно работење во службата, за неколку кривични дела се товарат Стефанов, како и ексдиректорите на РЕК Битола, Пеце Матевски, и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Ардијан Муча и Данчо Стојановски.

Тие во период од април во 2023 година до август во 2024 година, создале група со цел вршење кривични дела. Според обвинението, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј. На фирмата „Браинкоде“, која го добила тендерот, ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист од 6,4 милиони евра.

Ќе ја докажеме моралната и институционална распаднатост на ЕСМ додека раководеле обвинетите, порача обвинителката

Освен функционерите од АД ЕСМ, обвинети се и други лица што биле дел од мрежата за перење на парите добиени од тендерите за набавка на адитив. Меѓу нив е и Маја Јорданова од Велес, вработена како службеничка во АД Пошта, а истовремено и сопственичка на фирмата „Бреинкоде“, која ги доби тендерите од државни електрани.

Обвинети се и членови на најблиското семејство на Небојша Стојановиќ и други лица преку чии лични сметки или сметки на нивни фирми се префрлале пари добиени од тендерите, а потоа се ваделе во кеш или се пуштале во легален финансиски промет.

Дигитална судница во КПУ „Идризово“ / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Обвинителката тврди дека тие располагаат со голем број материјални и вербални докази.

– Обвинителството располага со голем број материјални и вербални докази, кои ќе бидат изведени во текот на оваа постапка. Обвинителството е убедено дека ќе го докажеме секој сегмент што стои на товар на обвинетите и се надеваме дека по изведување на предложените докази, судот ќе донесе не само осудителна пресуда, туку и пресуда со која во согласност со цитираните членови во воведниот говор, ќе се изврши и конфискација на имотот за кој Обвинителството уште пред донесување на наредбата за истражна постапка побара замрзнување на овие имоти, за да не можат обвинетите да располагаат со нив, а во исто време државата би била намирена за своето оштетно побарување, кое се движи во стотици милиони денари штета – изјави Поп Трајкова.

Никој од обвинетите во „Адитив“ не се чувствува виновен

Меѓу обвинетите има цели семејства, за кои Обвинителството тврди дека преку свои фирми ги переле парите.

Се најавуваат интензивни рочишта

– За секој за кого Обвинителството има докази за сторено кривично дело е на обвинителна клупа независно од возраста. Дел од семејствата на обвинетите биле свесни за дејствата што ги преземале, перење пари преку нивните сметки, преку фирмите што ги поседувале се вршени фиктивни трансакции заради прикривање на противправно стекнатиот имот. За друг дел самите членови како сопственици и управители учествувале во изигрување на постапката за добивање на јавната набавка – рече обвинителката.

Сепак, и обвинетите ќе ја докажуваат својата невиност и нивните адвокати најавија листи на докази, но се пожалија и пред судот дека ЕСМ не им ги доставува доказите што ги бараат. Јавното претпријатие, всушност, е оштетено во случајот и преку свој полномошник се приклучи на кривичниот прогон и побара надоместок на штетата.

Со оглед на тоа што никој од обвинетите не призна вина, се очекуваат многу судски рочишта во кои ќе се докажуваат обвинителството и обвинетите. Следното рочиште со воведни зборови на обвинетите е закажано за на 26 јуни, а судијката најави интензивни рочишта кои ќе се закажуваат често.

Дигитална судница во КПУ „Идризово“ / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

По воведните зборови на Обвинителството, адвокатите најавија и свои листи на докази, односно и тие ќе ја докажуваат својата невиност. Меѓу новите осомничени во случајот е претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, но за неа сè уште нема обвинение бидејќи истрагата сè уште трае. Се анализираат нејзините телефонски повици со обвинети во овој случај, а таа е суспендирана од работното место.

– Истрагата е во тек јавноста е запознаена дека од неа е одземен мобилен телефон податоците се екстрахирани. Се работи на голем број електронски податоци и во оваа фаза на постапката истите се анализираат паралелно со делот на веќе анализираните податоци, обвинителството презема и соодветни дејствија. во овој момент толку можам да споделам, имајте трпение, се работи за голем број електронски податоци кои се предмет на опсежна анализа не само на обвинителството туку се вклучени и други органи – рече Обвинителката за Димитровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот