Фото: Министерство за култура

Во Лондон одбележани 30 години дипломатски односи меѓу Македонија и Обединетото Кралство

Со концерт во Кралскиот колеџ во Лондон, синоќа беше одбележана 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи на нашата држава со Обединетото Кралство, во организација на Амбасадата на Македонија и со поддршка на Министерството за култура.

На концертот настапија пијанистот Дино Имери и хрватскиот пијанист Ведран Јањанин, а пред почетокот се обратија министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и специјалниот пратеник за Западен Балкан на британскиот премиер, Лорд Пич.

Како што соопшти Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска истакнала дека чинот на воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји отворило ново поглавје во нашето пријателство, заемно почитување и искрена поддршка која Македонија ја добива од денот на независноста.

-Обединетото Кралство, како постојан член на Советот за безбедност, драгоцен поддржувач на нашиот прием во Обединетите нации, вложи искрени напори во надминување на спорот со соседна Грција и беше силен поборник за нашиот кандидатски статус во Европската Унија. Тоа и се случи. Статусот го добивме во 2005 година, за време на британското претседавање со Унијата. Во Лондон, практично, станавме и 30-тата членка на НАТО, истакнала Костадиновска-Стојчевска.

Фото: Министерство за култура/Колаж: Слободен печат

Таа посочила дека во изминатите 30 години се остварени голем број соработки во сите области, а дека Лондон, „како моќен светски политички и економски центар“, е предизвик и за соработка во културата.

-Да се освои и да се остави трага во него, е повеќе од престиж. Оттаму, нема да ја сокријам амбицијата дека сакаме да ја продолжиме и зајакнеме соработката во културата и уметноста, да ги исползуваме можностите од Спогодбата за соработка и во областа на културата, спогодба која е во сила од пред две децении, како и ползата од бројните билатерални договори за соработка во културата. Британската публика, позната по својот истенчен и пребирлив вкус за уметноста, со забележлив интерес ја проследи поставката на Археолошкиот музеј на изложбата „Религиите во големите империи“ во музејот „Ашмолеан“ во Оксфорд, порачала министерката за култура.

На свечената вечер, гостите ги поздравил и специјалниот пратеник за Западен Балкан на британскиот премиер, Лорд Пич.

-Во изминативе 30 години, исто така ве поддржуваме и во сериозните активности, како што е приклучувањето на земјата во НАТО. Имав огромна привилегија да бидам присутен и на тој чин на приклучување во НАТО во 2020 година. Тој е ден којшто никогаш нема да го заборавам. Значи, станува збор за една многу сериозна релација помеѓу нашите земји, којашто постојано се развива, меѓу кои се трговската размена и постојаното зајакнување на соработката во делот на културата. Како што е, на пример, Програмата за културна размена којашто е извонредна и многу малку земји се на нивото на оваа соработка и размена што имаат нашите две земји. И ова е израз на почитта која ние ја имаме кон жителите на вашата убава земја. Јас ја имам таа првилегија често да ја посетувам вашата земја и секогаш сум импресиониран од квалитетот којшто младите луѓе го поседуваат, на нивната енергија, на ентузијазмот на работата. И секако дека вечераниот концерт ќе биде уште еден дополнителен настан на долгиот список на успешна соработка и големи успеси, рече Лорд Пич во своето обраќање.

Фото: Министерство за култура/Колаж: Слободен печат

Од Министерството соопштија дека културната програма била заокружена во македонската амбасада во Лондон, со изложба на 17 уметнички дела на уметницата Жанета Гелевска-Жани, создадени во последниве неколку години во оваа светска културна метропола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот