Говеда / Фото: William Edge / Alamy / Alamy / Profimedia

Во кривопаланечкото Жидилово сопственици на говеда спречиле ветеринари и полиција во спроведување вонреден инспекциски надзор

Официјални ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со полициски службеници од ОВР Крива Паланка, утрово, во кривопаланечкото село Жидилово, спровеле вонреден инспекциски надзор во три одгледувалишта за говеда и направиле нов обид за одземање на говеда, поради сторен прекршок согласно одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните.

Како што денеска соопштија од АХВ, со надзорот било утврдено дека сопствениците на говедата не постапиле согласно добиените известувања од 05.03.2025, година со кое биле задолжени во ограден простор, во период од 05.03.2025 до 14.03.2025 година да ги обезбедат животните, заради спроведување на увид во однос на идентификација на животните и нивниот здравствен статус за болестите туберкулоза и бруцелоза кај говедата, а со цел спроведување на извршните решенија за одземање на говедата од трите одгледувалишта од 17.04.2024 година.

– Како и во неколкуте обиди за одземање на животните досега, сопствениците на говедата од трите одгледувалишта, денес и едно непознато лице, ги спречиле официјалните ветеринари и полициските службеници во спроведувањето на вонредниот инспекциски надзор, растерувајќи ги десеттината говеда кои се наоѓале во близина на една од шталите, со што е оневозможено нивното идентификување и проверка на здравствениот статус, а со тоа и спроведувањето на решенијата за одземање на животните – се наведува во соопштението.

Против тројцата одгледувачи на говеда, кои во моментов во Ветеринарно информативниот систем на Агенција за храна и ветеринарство имаат пријавено 486 говеда (состојба 13.03.2025 година) од сите категории, претставки со наводи за уништување на имоти и посеви од говедата кои се движат без никаков надзор низ селото и планината, до АХВ се поднесени уште во 2023 година. Лани, поединци, со една претставка и триесеттина сопственици на имоти во близина на селото, како и Општина Крива Паланка до која се обратиле жители од ова село, до АХВ биле поднесени 6, а годинава 4 претставки против овие одгледувачи на говеда, чија бројка поради немарност и негрижа на сопствениците и нивното неконтролирано размножување, сега по проценка на официјалните ветеринари изнесува над 600 животни кои неконтролирано се движат, не само во близина на селото, туку и во градот Крива Паланка и по сообраќајниците, магистралните патишта, предизвикувајќи сообраќајни незгоди.

Решенијата за одземање на животните, се посочува во соопштението, донесени се во 2024 година по спроведени вонредни инспекциски надзори во трите регистрирани одгледувалишта во Ветеринарно информативниот систем на АХВ, каде во неколку наврати од страна на официјалните ветеринари, не се најдени животни во одгледувалиштата, утврдени се недоследности во однос на евидентирањето на употребата на ветеринарно медицински препарати, како и необезбедување на заштита и благосостојба на животните, неспречување на нанесување на непотребна болка и страдање или повреда и необезбедување на соодветни услови за животните, кои место под надзор, слободно се движат низ селото и околината. Поради овие утврдени недоследности, потврдени и од страна на Комисијата за одлучување по прекршок при Агенцијата за храна и ветеринарство, минатата година донесени се решенија за одземање на животните од трите одгледувалишта.

– Постапката за одземање на животните ќе продолжи, со наложување и на други мерки, а за обезбедување на говедата и спроведување на решението за нивно одземање, поради несоработката со сопствениците и недостапноста на теренот, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе побара соработка и од други институции, вклучително и од АРМ – најавија од АХВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот