Фото: МИА Архива

Во интерес на сите е изборите да бидат демократски, порача Кондарко

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, апелираше изборната кампања за Локалните избори 2025 да се одвива во коректна и демократска атмосфера и да ги почитува законските прописи и политичките противници.

-Во интерес на сите е изборите да поминат во најдобра демократска атмосфера. Вообичаено е на изборите да има зголемен интензитет на кампањата и различна реторика, но тоа треба да биде во рамки кои оставаат позитивен впечаток за целиот изборен процес. Право на избор е граѓаните слободно да одлучат, а учесниците во кампањата треба да го почитуваат и противникот и законските прописи – изјави Кондарко во интервју за МИА.

На претстојните избори ќе се избираат 309 градоначалници и 576 кандидатски листи за советници во 80 општини и Градот Скопје. Во Скопје има 16 кандидати за градоначалник и поголем број на советнички листи, но Кондарко не очекува тоа да влијае на времетраењето на гласањето.

На полноќ стартува кампањата за локалните избори, за довербата на граѓаните ќе се борат 309 кандидати

Право на глас имаат вкупно 1.832.415 гласачи, од кои 1.717.803 се запишани во земјата. Останатите 112.000 лица се запишани во посебен избирачки список, што вклучува граѓани на привремена работа или престој во странство, 2.162 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, и 450 граѓани во старски домови. Иако за гласање во дијаспората не е предвидено организирано гласање, лицата кои живеат или работат привремено во странство ќе можат да го остварат правото на глас доколку допатуваат во земјата.

-Постапката за гласање останува иста како на минатите избори. Иако ќе има две избирачки ливчиња во 80-те општини и четири во Скопје, ќе се користи еден Избирачки список, бидејќи се работи за еден вид на избори – објасни Кондарко.

Тој исто така посочи дека бројот на партии и коалиции што учествуваат се промени: сега има 22 партии и 19 коалиции, додека во 2021 година биле 27 партии и седум коалиции. Бројот на независни кандидати и групи избирачи се зголемил на 119.

Кондарко нагласи дека, иако ДИК не е надлежна за следење на изборната кампања, имаат задача да обезбедат тек на гласањето на денот на изборите и да ги советуваат учесниците да се придржуваат на демократските и законските норми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот