
Во дуалното образование се вклучени 500 фирми
За системското уредување на дуалниот модел на образование се подготвува комплетно нов закон
Без тесна соработка меѓу бизнис-заедницата и стручните училишта за реализација на практичната обука на реално работно место нема квалитетно и пазарно ориентирано стручно образование, порачуваат од Стопанската комора. Извршниот директор на Комората Антони Пешев, заедно со министерката за образование Весна Јаневска и Н.Е. Вероник Улман амбасадорка на Швајцарија, земја што дава сила поддршка во дуалното образование, вчера беа во компанијата „КАЗ груп“. Оваа компанија реализираше успешна соработка со СУГС „Владо Тасевски“.
Препорачано
– Она што многу нè радува е дека покрај поддршката што ја имаме од Швајцарија и од некои други држави што сакаат да ни помогнат да го воведеме овој систем, конечно имаме и одговор од Министерството за образование и наука кое е подготвено да го стави во рамките на закон. Во изминатиот период направивме енормен напор да произведеме и луѓе подготвени да ги преземат децата во процесот на работа, така што имаме едуцирано повеќе од 1.300 ментори. Во процесот на дуално образование сега се вклучени 500 компании. Би сакал да продолжи ваквото образование за барем малку да пробаме да го стопираме одливот на работна сила што го имаме во државата – потенцираше Пешев.
Министерката Јаневска објасни дека за системско уредување на дуалниот модел на образование се подготвува комплетно нов закон, во кој е предвидено да се регулираат односите меѓу училиштата и бизнис секторот, како и реализацијата на учењето преку работа.
Швајцарската амбасадорка Вероник Улман посочи дека ги поддржуваат реформите во стручното образование во земјава, со цел младите луѓе да добијат достојни работни места, а приватниот сектор да добие висококвалитетна работна сила. Таа посочи дека и Швајцарија има ваков систем на дуално стручно образование и дека сакаат да ни ги пренесат нивните искуства.
На настанот присуствува и учениците, вклучени во дуалното образование. Според нив, учењето преку работа на реално работно место им овозможува стекнување стручни вештини и побрзо вработување по завршување на образованието.