
Во Дебар од денеска тричасовна рестрикција во водоснабдувањето
Во Дебар е воведена тричасовна рестрикција во снабдувањето со вода за пиење поради злоупотребата на водата.
Препорачано
– Рестрикција се воведува во населбите Венец еден, Венец два, Тараник, Ќернаница и главната улица во градот, „8 Септември“ и тоа во период од 13:00 до 16:00 часот. Во овој период вода ќе се обезбеди за другите делови на градот, каде што поради нискиот притисок, поради злоупотребата, вода немаат со часови, изјави за МИА, Бурим Каба, директор на Јавното комунално претпријатие „Стандард“.
Во главниот резервоар во градот, додава, пристигнуваат 120 литри вода во секунда, што е доволно за задоволување на потребите на околу 25 илјади жители, а во градот не живеат ни половина од таа бројка, иако има голем број иселеници кои се пристигнати.
-Водата која е најдобра по својот квалитет во Македонија и пошироко се злоупотребува за наводнување зелени површини, градини, миење на дворови, па дури и тротоари и улици пред секоја куќа. Токму поради нерационалното користење на водата сме принудени да воведеме рестрикција, која ќе трае се до подобрување на состојбата – посочува Каба.
Тој апелира до сите водата рационално да се користи, со цел да не се повторат изминатите години, кога рестрикцијата траеше и повеќе од десет часа.