
Во Битола поставени информативни табли со Брајово писмо за да им се олесни пристапот на лицата со оштетен вид
Со цел зголемено учество на слепите лица во општествените активности, Општината Битола преку програмата за социјална заштита на лицата со оштетен вид им овозможи поголема достапност до општинските услуги. Активностите што ги реализираше Здружението на слепи лица од Битола вклучија пишување, дизајн, изработка и поставување на табли со Брајово писмо на одделенијата и секторите во Општина Битола.
Препорачано
На денешното поставување на таблите, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека Општината Битола со поставувањето на 24 табли, пред канцелариите во Општината и една дополнителна табла на влезот во институцијата, сите напишани со Брајово писмо, во голема мера ќе го олесни пристапот за граѓаните кои имаат оштетен вид, а на тој начин ќе можат самите со доаѓање во општината да се упатат на вистинското место и навремено да ги завршат потребните работи, со нивно директно присуство во институцијата и лесна пристапност до одговорните службеници.
-И во иднина ќе продолжиме со реализација и на други проекти и активности за социјална заштита и социјална вклученост на сите граѓани, со акцент на ранливите категории- рече градоначалникот Коњановски на денешниот настан.
Претседателот на Здружението на слепи лица, Дракче Брдаровски, нагласи дека реализацијата на овој проект е од суштинска важност за лицата со оштетен вид, бидејќи им се овозможува полесен пристап и достапност до општинските услуги.