Вински саем во Белград на земјите од Отворен Балкан/Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Во Белград се вкрстија винските патишта на Балканот

Во Белград се вкрстија винските патишта на Балканот

Денес во Белград се отвори саемот за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан”. Заедничката порака на претседателот на Србија Александар Вучиќ и на премиерите на Северна Македонија и на Албанија – Димитар Ковачевски и Еди Рама на отворањето на Саемот е дека со оваа регионална иницијатива се создава заеднички пазар, се овозможува регионален туристички настап и сега, во време на криза, се создаваат предуслови полесно да обезбедиме храна.

Вучиќ порача дека иако овој Саем е во Белград, тоа не е саем на Србија, туку саем на Отворен Балкан и затоа ќе го отворат тројцата премиери заедно.

– Денес Белград и Отворен Балкан се престолнина на виното. Овде се собрани 230 излагачи од земјите од Отворен Балкан и 100 излагачи од целиот свет- од Франција, Чиле, Аргентина… Посакувам сите на Отворен Балкан да си го најдат своето место. Каде е виното, таму е и љубовта. А наша заедничка работа – моја и на премиерите на Северна Македонија и Албанија е да ги симнеме бариерите меѓу нашите држави – рече Вучиќ.

Македонскиот премиер, Димитар Ковачевски рече дека овој Саем покажува како во пракса функционира Отворен Балкан.

– Денеска потврдуваме дека Отворен Балкан е економска иницијатива. Таа значи интеграција, добрососедство, отворени врати. Денес тука се 42 наши винарници, три дестилерии и десетина производители на храна. Заедно со другите излагачи, ова е саем кој само вака регионално организиран, на едно место може да собере толку производители. Отворен Балкан нуди нови можности за пласман и нови можности за прилив на средства и за инвестиции. Денеска во Белград се вкрстија винските патишта на Балканот – рече премиерот Ковачевски.

Ковачевски, со гордост потенцираше дека Северна Македонија е втор најголем извозник на вино во регионот и 29-ти во светот.

Премиерот на Албанија Еди Рама порача дека со Отворен Балкан полесно ќе стигнеме до ЕУ.

– Денеска сме посветени на винарниците. Даваме шанса нашите винарници да се промовираат регионално, сите заедно да соработуваме меѓусебно. Албанија секоја година сади се повеќе грозје, а земјоделците добиваат значајна поддршка од државата – рече Рама.

На крајот од заедничкиот говор беше отворено и огромно шише со вино, произведено со грозје од Македонија, Србија и Албанија.

Вински саем во Белград на земјите од Отворен Балкан/Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Саемот ќе биде отворен до 4 септември.

Утре ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на Отворен Балкан предводен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама. Подоцна премиерот Димитар Ковачевски ќе приреди „Македонската вечер”.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот