Фото: Комунална хигиена

Во 21 век, ѓубрето се товари со скинати ракавици и без заштитни маски

Од Синдикатот на СУТКОЗ се децидни дека со вакви и слични проблеми се соочуваат вработените во јавните комунални и водоснабдителни претпријатија во земјава, кои немаат соодветна работна и заштитна опрема, а примаат ниски плати, кои нередовно ги добиваат

Скопје се задушува во ѓубре, секојдневно се „раѓаат“ мали депонии околу контејнерите, низ улиците не се памети да помине цистерна што би го растерала повеќегодишниот прав, а ретките зелени површини не се искосени бидејќи нема косилки. Од Синдикатот на СУТКОЗ се децидни дека со вакви и слични проблеми се соочуваат вработените во јавните комунални и водоснабдителни претпријатија во земјава, бидејќи немаат соодветна работна и заштитна опрема, а примаат ниски плати, кои нередовно ги добиваат.

Згора на тоа, за нив речиси и да нема регрес за годишен одмор, дециден е претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски. За надминување на овие проблеми, се користат сите законски права и права што произлегуваат од колективните договори, не исклучувајќи го правото на протест и штрајк. Во меѓувреме поради непримената на Општиот колективен договор за јавен сектор во ЈКП по доставените опомени пред кривична постапка за 17 директори на претпријатијата, поднесени се кривични пријави до надлежните јавни обвинителства.

Во многу градови, што е максимално евидентно во Скопје, вработените го собираат ѓубрето рачно, бидејќи камионите што се со механизација за собирање ѓубре се прастари и постојано се расипуваат. Згора на тоа, просечната старост на вработените е околу 50 години, што само по себе доволно зборува за „иднината“ на хигиената во државата.

– Не можеме да постигнеме, погледнете како се работи, со искинати ракавици треба да ја собереш сета нечистотија, која е заразна, а згора на тоа без заштитни маси треба да се качиш на камионот и да го дишеш ова ужасно испарување – рекоа во неформален разговор за „Слободен печат“ вработените што го собираа сметот во Ново Лисиче.

Во земјава се регистрирани 159 јавни претпријатија, кои се формирани од различни нивоа на власт, Собранието, Владата, општините и Град Скопје. Најголем дел или 143 се основани од Град Скопје и од општините, 13 се под „капа“ на Владата, а три јавни претпријатија се основани од Собранието. Според податоците од Министерството за финансии, голем дел од ЈП во земјава генерираат долгови што не можат навреме да ги подмират. Јавните претпријатија вработуваат околу 16 илјади лица.

Според претходната анализа на „Порталб“, голем дел од јавните претпријатија во земјава работат нерентабилно, не можат да ги подмират доспеаните долгови, генерираат нови обврски и работат со загуби што се амортизираат со буџетски пари од централната и локалната власт. Но од друга страна ЈП се едни од „најголемите“ работодавачи. На почетокот на оваа година, 90 јавни комунални претпријатија, преку АДКОМ-Здружение за даватели на комунални услуги, со дописи до Владата, Регулаторната комисија за водни услуги и услуги за управување со отпад и Министерство за енергетика упатија барање за повластена цена на електричната енергија за Јавните комунални претпријатија.

Дел од нив се на работ да бидат исклучени од струја што дополнително ќе го компликува нивното работење бидејќи 90 отсто од струјата тие ја трошат за пумпните станици за вода за пиење, за атмосферските, за фекалните пумпни станици, како и за пречистителните станици за отпадни води.

– Благодарение на протестите и штрајковите беа надминати проблемите со нередовната исплата на плата во ЈП Паркови и зеленило Скопје односно во двете фирми ќерки ДООЕЛ Флораком и ДООЕЛ Луна и по одржаните четири протести сега вработените добиваат плата истовремено со другите вработени во претпријатието. Во периодот од 25 до 28 август преку штрајк своето незадоволство поради нередовна исплата на плати го изразија и вработените во ЈП за ПУП Прилеп, претпријатие што помеѓу останатите дејности врши и превоз на ученици на територијата на општина Прилеп.

Во ЈП Брегалница Делчево и покрај неколкуте предупредувачки протести, раководството на претпријатието односно директорот не ја почитуваше потпишаната спогодба за регулирање на исплатата на регрес за годишен одмор популарно К-15 и поради тоа од страна на СУТКОЗ се поднесени неколку кривични пријави против директорот за непочитување на спогодбата и колективните договори.

Во текот на август беше надминат и проблемот со нередовната исплата на плата во ЈКП Комуналец Крива паланка и ЈП Солидарност Виница и тоа се постигна преку преговори и социјален дијалог со менаџментот на претпријатието и градоначалниците на овие две општини – заклучува Кашиковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот