
ВМРО-ДПМНЕ: Новиот директор на МЖ Транспорт бил ангажиран во светот на угостителството
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска испратија соопштение во кое реагираат на изборот на нов директор на Македонски железници – Транспорт, кој според партијата нема професионална биографија која би оправдала негово поставување на таа позиција.
Препорачано
„Како што влегуваат и излегуваат помалите албански партии во Влада, така им се дава местото директор на МЖ Транспорт АД. Очигледно дека оваа позиција е резервирана за нив, со цел нови партиски вработувања со кои се надеваат дека ќе го подигнат нивниот партиски рејтинг. Колку што можевме да изброиме ова е 7-ми по ред директор, во изминативе 7 години. Значи секоја година претпријатието си добива нов директор. Секој од нив, освен што го задолжува претпријатието и што вработува партиски несоодветни кадри, апсолутно ништо не прави“, се вели во соопштението.
„Ете тоа е концептот на СДСМ и ДУИ за железниците во Македонија. Поради штрајк на вработените веќе 4 дена возовите не возат, а никој мува не го лази. Ниту новиот директор излегол да објасни што се случува, ниту пак министерот Бочварски се засекирал. Се наближува 9 април јубилејот од 150 години железници во Македонија, а возови по пругите нема“, велат од партијата.
„Кога сме кај новиот директор Зуљхајрат Демири, трагајќи по неговата професионалната биографија, која патем ја нема на официјалната веб страна на МЖ Транспорт, на Фејсбук може да се најдат фотографии од 2017 година, по кои може да се заклучи дека бил ангажиран во светот на угостителството. Во недостаток на информации за неговата стручна способност се прашуваме кое образование, кои обуки, која стручна подготовка ја завршил и со што заслужил Зуљхајрат Демири да биде директор на Македонски Железници Транспорт?“, прашуваат од партијата.