
ВМРО-ДПМНЕ на работниците им нуди апстрактна гордост на празен стомак, вели СДСМ
„Минималната синдикална кошничка изнесува 62.861 денари. Со тотално промашената мерка што се вика новогодишна кошничка, Владата им направи услуга само на трговците. Додека ги штити интересите на големците, ДПМНЕ го урива достоинството на секој работник. Затоа што приказните за апстрактна гордост најлесно легнуваат на празен стомак и уморна снага“, напиша потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, во објава на Фејсбук.
Препорачано
„За само месец дена, цената на зејтинот рипна на 97 денари, или за 14 денари повеќе од претходно. За исто толку е покачена и цената на јајцата, кои сега чинат над 100 денари. Покачени се цените на јогуртот, кашкавалот, па дури и лебот,“ рече Костова.
Потпретседателката на СДСМ наведува дека ситуацијата е особено тешка за семејствата со минимални приходи. „На четиричлено семејство во кое двајца возрасни земаат минимална плата, им недостасуваат над 17.700 денари, односно над 290 евра, за да можат да си ги покријат најосновните трошоци,“ вели таа.
„Додека народот се мачи да преживее, функционерите од владејачката партија не убедуваат дека покачувањето на минималната плата било лоша работа. Тоа го прават додека си гласаат за порамнување на нивните плати, за да не им ги изеде инфлацијата; или додека министерката за финансии вели дека ако не ѝ се покачела платата, немало повеќе да работи во Министерството,“ додава Костова.