
Властите на Орегон поднесоа тужба за да го блокираат распоредувањето на Националната гарда во Портланд
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет во неделата нареди 200 припадници на Националната гарда на Орегон да бидат ставени под федерална команда откако претседателот Доналд Трамп најави распоредување на воени сили во Портланд, најголемиот град во државата, објави Гардијан.
Препорачано
Во меѓувреме, властите на Орегон поднесоа тужба во обид да ги блокираат плановите на американскиот претседател, кој ја наведе потребата од заштита на федералниот објект на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ) во Портланд од „домашни терористи“.
Тужбата поднесена од властите на Орегон е против претседателот Доналд Трамп, министерот за одбрана Пит Хегсет и министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем.
„Потпирајќи се само на неосновани и грубо претерани обвинувања – претседателот вели дека Портланд е „град разурнат од војна“, „под опсада“ од „домашни терористи“.
„Обвинетите го прекршиле сувереното право на Орегон да управува со своите (државни) агенции за спроведување на законот и силите на Националната гарда“, се наведува меѓу другото во тужбата.
Одлуката на претседателот Трамп да распореди воени сили во Портланд беше „гром од ведро небо“, изјави за Ројтерс функционер на Пентагон, зборувајќи под услов да остане анонимен. Тој објасни дека Пентагон бил фокусиран на планирање потенцијални операции во други градови, како што се Чикаго и Мемфис.
По распоредувањето на Националната гарда и членовите на федералната агенција за имиграција (ИЦЕ) во Лос Анџелес и Вашингтон, републиканскиот претседател на САД се насочи кон неколку големи градови контролирани од демократите.