Илустрација Елисавета Бејкова, „Слободен печат“
Илустрација Елисавета Бејкова, „Слободен печат“

Власта им стана „најверна сенка“ на медиумите за 430 илјади евра годишно и уверува дека нема да ги оценува како „позитивни“ „негативни“ и „неутрални“!

Секое утро најдоцна до 9 часот, на мејл во Службата за општи и заеднички работи и 30-те институции кои ги опслужува ќе стигнува дневниот извештај на објави од медиумите и од социјалните мрежи по теми и по датуми, со име и презиме на новинарот и медиумот за кој работи, согласно клучните зборови што ги избрал нарачателот и кратка содржина во 3-4 реда од написите, оригинален скен од информациите од интернет објавите и оригинална транскрипција на видео-прилозите.

Тој дневен извештај е само дел од услугите што Службата за општи и заеднички работи за 430 илјади евра за период од 1 година ги набавила од фирма во сопственост на словенечко друштво за управување со инвестиции – „Клипинг“ Скопје, чиј претставник е Мишо Ѓорѓевски. 

Главниот предмет на оваа набавка вредна 430 илјади евра за една година е софтвер за оценка на медиумското влијание и претворање на говор во текст. Со софтверот ќе може да се транскрибираат телевизиски емисии на хартија и извештаите да ги користат државните институции.

Софтверот според договорот склучен минатиот вторник на 24 јуни,  треба да биде целосно имплементиран за 3 дена, што значи дека веќе би требало да е во употреба.

Каков договор склучи Службата за општи и заеднички работи на владата за 430 илјади евра годишно и што ќе добие за овие пари?

Овие прашања ги открива техничка спецификација во која имавме увид.

Како што споменавме, прво се добива услуга за мониторинг на медиумите уште наречена „медија клипинг“. Тоа значи дека објавите во телевизиите, весниците, списанијата, магазините, онлјан медиумите, порталите, агрегатите, социјалните мрежи Фејсбук, Икс, Инстаграм, Јутјуб, Тик Ток, Линкдин ќе бидат систематски следени, селектирани врз основа на претходно договорени теми и клучни зборови од интерес на нарачателот за потребите на 30 државни и политички институции, министерства и агенции. Потоа прес-клипингот ќе им биде дистрибуиран на овие државни и владини агенции, секое сабајле, во ПДФ документ на мејл најдоцна до 9 часот.

Во софтверот ќе има и интегриран модул за вештачка интелигенција за самите агенции и министерства да може да си прават дополнителна оценка и анализа на објавите по потреба. Бројот на медиуми чии содржини ќе се следат, може да се надополнува во координација и договор со Службата за општи и заеднички работи на Владата и да се надгради следењето со нови ставки – гостувањата во емисиите, учествата на специјализираните телевизиски емисии кои не се предмет на редовно следење.

Извештаите од дневните објави владата и нејзините институции ќе ја добиваат и на посебна апликација за андроид и ајфон. Владата ќе добива и преглед на релевантни објави на социјалните мрежи на македонски и на албански јазик врз основа на клучни зборови.

Владата и нејзините институции ќе имаат 24-часовен пристап до објавите а во системот ќе можат да пребаруваат објави по клучен збор, тема, наслов, датум, одреден временски период, медиум, автор, позитивни негативни или неутрални објави, пишува во техничката спецификација.

„Слободен печат“ праша во Владата како точно се утврдува дека оценката за некој текст објавен на портал, е „позитивна“, „негативна“ или „неутрална“. Поконкретно, не ни беше јасно што значи „позитивноста“ „негативноста“ и „неутралноста“ односно кој параметар укажува на таа позитивност, негативност или неутралност.

Дали може да ни кажете конкретно и прецизно, дали новинарите што објавуваат „негативни“ текстови, ќе бидат тие чии текстови се однесуваат на негативни трендови, како криминал, корупција, невладеење на правото, корумпирано правосудство? Не е јасно и се остава простор за шпекулации и се остава простор за недоразбирање во медиумската сфера, што значи овој софтвер, гласеа нашите прашања.

Прашавме во Владата зошто ако нејзиниот фокус е на некоја општествена појава и нејзиното претставување како позитивно, негативно или неутрално, тогаш зошто им е потребно името на новинарот и на медиумот.

Од Владата уверуваат дека нема да ги класифицираат новинарите и содржините на нивното известување како позитивни или негативни.

Последниот тендер не подразбира барање за оценување на вести и нивната содржина. Суштината е во обезбедување на прес-клипинг услуга и софтвер за пишување и пренесување на говор во текст, со што ќе се заштеди и време и средства за печатење на материјали кои вообичаено се обезбедуваат. Услугата за прес-клипинг ќе ја добиваат сите министерства и поголемите државни претпријатија и е во насока на навремено информирање и со цел корегирање на владините политики во соодејство на јавниот интерес, велат од Владата за „Слободен печат“.  

Техничката спецификација за овој софтвер открива дека нејзините владини корисници ќе може да ги пребаруваат објавите според клучен збор, тема, наслов, датум, одреден временски период, медиум, автор, позитивни, негативни или неутрални објави, обележување на клучните зборови во објавата, OCR на текстовите од печатените медиуми, прикажување на оригиналниот извор со линк, време и датум на објавување на веста преку која може да се прочита или преземе целиот текст, можност за изработка на извештаи по сопствен избор, на одредена тема, одреден период, одреден настан, онлајн квантитативна аналитика на објавите по одредени параметри (тип на медиум, по тема, автор, фреквенција на објави), можност за изработка на квалитативна анализа од страна на нарачателот-клиентот, можност за експортирање на информациите во PDF формат, можност за експортирање на информациите во Excel формат, можност за експортирање на видео информациите во формат погоден за поставување на сопствена веб страна, добивање на информациите во реално време, веднаш по нивното објавување, а најмногу два часа по објавата, модул за вештачка интелигенција (ВИ), линк за преземање на апликацијата од App Store за iOS и Google Play Store за Android.

Мобилната апликација за сите телефони треба да вклучува пристап до објавите 24 часа на ден, можност за пребарување на објавите (по клучен збор, тема, наслов, датум, одреден временски период, медиум, автор, позитивни, негативни или неутрални објави…), аларм клипинг сервис достапен преку мобилната апликација, модул за вештачка интелигенција.

Услугата за претворање на говор во текст на македонски јазик е технологија за обработка на аудио снимки на македонски јазик во пишана форма на македонски јазик, така што снимените аудио снимки може да бидат подготвени за понатамошна обработка од страна на работниците/вработените на купувачот и организациските единици подредени на клиентот.

Услугата за претворање на говор во текст на македонски јазик треба да биде функционална од безбедносни причини, а исто така да работи како внатрешно решение без пристап до интернет во офлајн режим клиент-сервер. Инсталирањето на овој систем за конверзија на говор во текст на македонски јазик, со техничката спецификација се бара да биде внатрешно решение на ресурсите на клиентот.

Предавањето на услугата за оцена на медиумското влијание и конверзија на говор во текст на македонски јазик според техничката спецификација ќе го вршат овластени претставници на двете страни кои што ќе ги потпишуваат записниците заедно со целата пропратна документација во електронска и печатена форма.

Давателот на услугита за оцена на медиумското влијание и конверзија на говор во текст на македонски јазик ,,on premise deployment’’ се обврзува на сопствен трошок во просториите на договорниот орган да одржи обука за начинот на функционирање и користење на услугата и 24-часовна техничка поддршка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот