
Влаевчани ги чека нова „борба“ со предложениот ДУП за Влае 2: Планот од вторник оди на втора јавна анкета
Деталниот урбанистички план за Влае 2, кој повеќе од една година ги вознемирува граѓаните од овој дел на општина Карпош, од вторник 24 октомври повторно ќе се најде на јавна презентација и јавна анкета. Дали и какви измени се направени во него и дали се земени предвид забелешките кои граѓаните ги поднесоа во анкетите листови во текот на првата јавна анкета е непознато, затоа што ниту има опфицијално објаснување од Општина Карпош, ниту на нивната веб страница е објавен синтензиот план.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Од Општината информираа дека повторната јавна анкета за ДУП Градска четврт С З19, кој го опфаќа просторот помеѓу булевар Партизански одреди, улицата Ацо Шопов, улицата Војвода Васил Чакаларов и реката Вардар, за плански период 2018–2023 година, ќе се спроведе во периодот од 24 до 30 октомври, во просториите на Општината, секој работен ден од 7:30 до 15:30 часот. Ќе има и две јавни презентации, едната за јавните претпријатија ќе се одржи на 26 октомври со почеток во 12 часот, а другата за граѓаните на кои планот ќе им биде презентиран истиот ден, но еден час подоцна.
Анкетните листови за учество на повторната јавна анкета ќе бидат изложени во просториите на Општина Карпош. Оттука, во определениот рок, заинтересираните правни и физички лица од конкретното подрачје опфатено со Планот, можат да достават писмени забелешки на анкетните листови – соопштија од Карпош.
Граѓаните засегнати од планот и здружени во групата „Борба за Влае“ веќе упатуваат повик до сите нивни соседи да присуствуваат во што поголем број на презентацијата.
Да присуствуваме во што поголем број и да не дозволиме да се повтори ланската ситуација кога планерката од „Билд урбан“ арогантно ни раскажуваше работи како „сите живеете во град, ако нејќете да има улици и други содржини не живејте во град“. Да им кажеме дека сакаме урбана населба каде приматот ќе биде даден на животот на жителите на кои ќе им се дозволи да инвестираат во своите имоти, а не на „инвеститори“ кои криминогено откупиле државно земјиште за да можат да градат висококатници – посочуваат од „Борба за Влае“.
Тие имаат забелешки зошто овојпат за поднесување на анкетни листови се предвидени само пет дена за разлика од минатата јавна анкета кога беше овозможен период од 30 дена.
Овој пат Општината има дадено рок за коментари само пет дена бидејќи тоа е минимумот кој дозволува стариот Закон за просторно и урбанистичко планирање, по кој е правен овој ДУП во претходниот мандат на овој градоначалник и кој беше укинат на Уставен суд во 2018 поради пропусти во постапката и повторно објавен во 2022 без скоро никакви разлики. На сајтот на Општината е објавена информацијата за повторната презентација на ДУП-от, но не и синтезниот план или анкетните листови. Се надеваме дека ќе го објават побрзо, дека нема да чекаат до 24 октомври – реагираат граѓаните.
ДУП Градска четврт 319 првпат беше на јавна анкета во март минатата година, а загрижените граѓани поднесоа мноштво анкетни листови затоа што имаат многу забелешки за планот. Тие сметаат дека со неговото евентуално донесување во формата во која е предложен, сериозно ќе се дехуманизира животот во Влае. Тие тврдат дека се и за зелени површини и за игралишта, за градинки и за спортски терени, за средување на сообраќајните проблеми, но се против градење згради на јавен простор и врз постојното зеленило.
Со Деталниот урбанистички план што го спорат жителите и кој уште не е усвоен, се предвидува изградба на згради кај поранешното кино и на просторот кај „Кам“ маркетот, но и маркички за згради на улицата Есперанто, која според ДУП треба да се пробива и поминува пред училиштето „Димо Хаџи Димов“, но и други содржини со кои граѓаните не се согласуваат.