Митрополитот Петар / Фото: Религија.мк

Владиката Петар им се извини на верниците што ги навреди: „Но, тоа не значи дека сме се оправдале пред Бога“

Владиката Петар се извини за проповедта во црква во која ги навреди верниците кои деновиве му се спротивставија на раководството на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и за позицијата митрополит на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА го поддржаа епископот Партениј, игуменот на Бигорскиот манастир.

Откако неговите остри квалификации предизвикаа реакции во јавноста, митрополитот во изјава за „Скопје1“ им се извини на тие верници, но додаде дека тоа „не значи дека сме се оправдале пред Бога“.

„На секој што смета дека со нешто сум го навредил, од дете до највозрасен, му се извинувам. Барам и давам прошка на тие што ме навредиле, но тоа не значи дека сме се оправдале пред Бога“, вели владиката Петар.

За верниците кои се противат на предлогот на архиепископот Стефан за прв човек на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Петар рече дека се „изманипулирани“ и дека „се обидуваат да ја уриваат нашата македонска црква“, а Партениј го нарече „крадец на човечки души“.

„И тоа кои? Оние што се во неволја. А тоа се луѓето кои биле подложни на зависност од дрога и од пијанство и од други работи. Па, лечејќи ги од дрогата, ги направија нивни заробеници. Да бидат робови на тоа што тие ќе им го кажат. Ниту еден духовник во било кој манастир нема право да собира верници околу себе и да се прави дека тој има духовни чеда, зашто согласно светите канони и Уставот на МПЦ и правилникот за монаштвото, духовниците во манастирите се духовници на нивните духовни чеда кои се монаси или монахињи ако е поставен да биде духовник и на женски манастир и на искушениците, ништо повеќе. Сето тоа другото е измама“, рече тој.

ВИДЕО | Владиката Петар ги нарече поддржувачите на Партениј „изманипулирани поради подложност на зависност од дрога и пијанство“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот