мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Владеењето на идиотите

Одлуката на земјите на НАТО да ги зголемат воените издавања до безумните 5 насто од вредноста на бруто националните производи е преочигледен доказ за колективната заглупавеност на сите општества кои оваа плиткоумна но сеуништувачка одлука ја овозможија, и тоа во прилично смирена и кротка, дури претсмртна тишина.

Последните денови од сите империи во умирање се сцена во која доминираат идиоти. Вака отприлика, под наслов безмалку како горниот, пулицеровецот Хеџис пишува за одумирањето на американската империја, споредувајќи ја со римската, мајанската, хабзбуршката, француската, руската, османлиската и советската империја, кои сите без исклучок на крајот беа водени од декадентни владетели што беа одлепени од стварноста и егоцентрични глупаци што ги уништија своите земји претворајќи ги во колективни лудници во кои заблудата и стварноста веќе не можеа да се разликуваат.

Политичкиот филозоф Ерик Вогелин во својата книга „Хитлер и Германците“ ја отфрла идејата дека Хитлеровиот пророчки страствен ораторски талент бил најодговорен за масовното шеметење и заведување на Германците. Тој тврди дека Германците масовно го поддржаа Хитлер и групата „гротескни маргиналци“ што го опкружуваа, токму затоа што тие ја отеловуваа патологијата на веќе сериозно заболеното општество, разнебитено од кризата на капитализмот и западнато во болна безнадежност. Во тој контекст Вогелин ја дефинира глупоста како неможност за согледување на стварноста, при што вака дефинираните глупаци не можат исправно да се ориентираат и да ги одмерат своите постапки во стварните околности на светот во кој живеат. Така што популистот кој блуе зборови само го изразува општествениот zeitgeist, духот на времето, и го предводи колективното напуштање на светот на проверливите факти.

„Овие идиоти, кои ветуваат повраток на изгубената слава и величина, не креираат ништо ново. Тие само уништуваат. Тие го забрзуваат колапсот. Со ограничени интелектуални способности, немајќи никаков морален компас, потполно некомпетентни но полни со лутина и омраза, (…) тие го пресоздаваат светот во арена на измамници, џепџии милионери и мегаломанијаци.(…) Стварноста, било да се работи за климатската криза или пак за осиромашувањето на работничката класа, воопшто нема влијание и не ги попречува нивните безумни бладања. И колку полошо станува во стварноста, толку поидиотски биваат тие“.

Хеџис зборува за Трамп и американското општество денес, но како да ја опишува состојбата во земјите на европскиот континент. И тоа, истото за жал важи и за големите земји „основачи“ на Европската Унија како што се Германија, Франција, Велика Британија и другите, но и за европските маргини или приевропските калишта како што е и нашата Македоња Вечна и нејзините вечни вмровци. Всушност, како што беше кажано и на почетокот, се работи за синдром на колективно заглупавување за кој пишувале и други автори, големи автори, анализирајќи ги историските артефициелни катастрофи, секогаш предизвикани од заболени и заглупавени општества.

Хана Аренд беше меѓу првите што го обвинија целото општество дека тоа самото сосем волно се втурнува во зоната на радикалното зло, понесено од бездните на колективната плиткоумност. И Вогелин потврдува дека кога општеството целосно ќе потпадне во хаос, тоа почнува да ги воздигнува моралните дегенерици, измамниците и насилниците, коишто во слободно и разумно општество би биле презрени и криминализирани. Во нормално општество овие морални дегенерици би биле сметани за глупаци и штеточини и би биле „социјално бојкотирани“ и изолирани. Но во оболените општества, како во минатото така и денес, социјалните, културните и моралните норми се дијаметрално изопачени: моралните вредности како што се грижата за општото добро, љубовта кон вистината, еднаквоста и солидарноста денес се предмет на исмевање.

Сјорен Киркегард во својата „Денешна доба“ предупредува дека модерните држави денес целат потполно да ја избришат човечката совест, за да ги преобликуваат поединците во лесно совитливо и индокринирано „пучанство“, во послушна публика. Но оваа публика, таа немерлива толпа, како што пишува Киркегард не е реална, туку е „монструозна апстракција, сеприфаќачко нешто, кое е всушност ништо“ кое е всушност ништо, обичен призрак“. На овој начин денешните развиени општества создаваат од граѓаните стада, коишто не се и никогаш нема да бидат обединети во некоја стварна ситуација или организација, но сепак тоа се стада што се чувствуваат дека се „заедно“ и дека се „целина“. А оние што ги доведуваат во прашање или ги критикуваат псевдопатриотските „вредности“ на стадото или корупцијата и грабежливоста на владејачката класа, денешните „слободни општества“ – исто како и некогашните умирачки империи – ги отфрлуваат како предавници. Тоа е тоа, а конечно, уште Томас Пеин пишуваше дека деспотските власти се печурки што никнуваат во влажната и распаѓачка култура на корумпираните општества.

Така што, како што повторува Хеџис, нашето пропаѓање, нашата неписменост и колективно одлепување од стварноста, беше создавана долго време. Неолибералистичката парадигма што го врти светот повеќе од четири децении константно ги еродираше нашите права, ги претвораше органите на државата во алатки за експлоатација и трансфер на добрата од сите кон малата група на олигарси што го поседуваат сиот капитал и владеат со светот, го осиромаши светското мнозинство, го уназади јавното образование до непрепознатливост. Тој ужасен светоглед ги организира сите непотребни и девастирачки војни во светот, ги зголемува до бесмисла јавните долгови на државите, ја уништува инфраструктурата на глобалната цивилизација, повторувајќи ја безмалку до збор судбината на исчезнатите империи.

Одлуката на земјите на НАТО да ги зголемат воените издавања до безумните 5 насто од вредноста на бруто националните производи е преочигледен доказ за колективната заглупавеност на сите општества кои оваа плиткоумна но сеуништувачка одлука ја овозможија, и тоа во прилично смирена и кротка, дури претсмртна тишина. Вкупната вредност на БНП на НАТО земјите минатата година беше 45,93 илјади милијарди долари, па петте насто од тој износ што се планира да се издвои секоја година за развивање и производство на оружја и муниција за уништување на луѓе и јавни добра оваа година ќе изнесува најмалку неверојатни 2,3 илјади милијарди долари. Ако се земе предвид дека оваа гигантска сума на пари ќе биде одземена од едукацијата, социјалната добробит, просперитетот, здравствената заштита и од борбата против последиците од климатските промени, тогаш е сосем јасно дека е тоа вистинската мерка за степенот на самоубиственото оглупавување на сите општества на „сободниот свет“. На ова не треба да се додаде и дека тие 2,3 илјади милијарди долари ќе бидат употребени во индустриски процеси што се без секое сомневање најштетни и најотровни за природата, за водите и почвата и за атмосферата што се задушува во јаглерод двеоксид.

Само оваа одлука, што за среќа уште не е материјализирана во стварноста, но чиешто донесување јасно го сликува нивото на менталната инсуфициенција на владејачките елити на сите земји членки на овој воено-политички сојуз, е доволна за да заклучиме дека таа неотповикливо ја отеловува патологијата на смртно заболените вазални општества што ја чинат Империјата, како и на самата Империја, разнебитена од кризата на неолибералниот капитализам и фрлена во безнадеж во кој никнат габите на радикалното зло.

(Авторот е архитект и универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот