
Владата не одзема броила, струјните шеми се прекинати
Овие корисници од први јануари се снабдуваат од Снабдувачот во краен случај, односно по пазарни цени, потсетуваат од ЕВН Хоме.
Над 2.000 правни лица се веќе известени дека од први јануари годинава, веќе нема да се снабдуваат со електрична енергија од Универзалниот снабдувач – ЕВН Хоме, велат за „Слободен печат“ од ЕВН хоме.
Препорачано
-Согласно Одлуката на Владата во услови на кризна состојба во снабдувањето, Електродистрибуција, лани од крајот на ноември до почетокот на декември, ги извести сите корисници кои припаѓаат во слободниот пазар, а се снабдуваа од ЕВН Хоме, дека треба да склучат договор за електрична енергија со снабдувач на отворен пазар. Доколку не постапиле според известувањето, овие корисници од 1 јануари се снабдуваат од Снабдувачот во краен случај, односно по пазарни цени – потсетуваат од ЕВН Хоме.
Јавноста веќе подолго време се „забавува“ со информацијата дека повеќе големи фирми со малверзации се вратиле на регулираниот пазар. Тие отворале мали фирми ќерки, потоа го закупувале броилото и користеле струја од регулираниот пазар како мала фирма. На списокот се индустриски компании, ланец маркети, аптеки, казина, осигурителни компании, мобилни оператори и речиси сите општини. Дел од нив, не сакаа да се вратат на слободниот пазар, но министерот за економија се закани дека ако треба ќе се смени и законот за во иднина да нема вакви итромани. Меѓу нив е и ЈП „Енерго Прилеп“.
Претседателот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, ја искористи одлуката на Владата, да им соопшти на неговите сограѓани дека тие во Новата година ќе плаќаат значително повисоки сметки за оваа услуга за јавно осветлување. Според Проданоски, најтрагично во ваквата владина одлука било тоа што биле анулирани позитивните ефекти додека со овие броила стопанисувало ЈП „Енерго Прилеп“ и кога заштедата на општината, за неполни три месеци била над 200 проценти. Инаку,општините формираа посебни јавни претпријатија со кои по пониска цена набавуваа струја за јавно осветлување.
-Броилата на ЈП „Енерго Прилеп“ не се одземени, туку претпријатието постапило согласно одлуката на Владата и се враќа од регулиран на отворен пазар за електрична енергија – велат од ЕВХ Хоме.