
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Трендафилов: Очекуваме договор за раст на минималната плата
Може да се види омекната реторика од Владата и очекуваме договор за раст на минималната плата. Работодавачите, пак, не се против зголемувањето, но на оние што сепак имаат проблем, треба да им се помогне со субвенционирање на придонесите
Првомајското барање на Сојузот на синдикати за раст на платите на 450 евра веќе е надминато, затоа што во меѓувреме продолжи инфлацијата да ја јаде синдикалната кошница.
Препорачано
Сепак, она што е добро, што за разлика од првичниот тврд став во однос на порастот на платите, Владата попушта, реториката се менува, а и во Предлог-буџетот за 2025 година има пари наменети за раст на минималната плата, вели во разговор за утринската емисија на „Слободен печат“ Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати.
– Ние уште во мај побаравме 450 евра да биде минимална плата. Тогаш во Црна Гора беше минималната плата 450 евра. Денес таму е 600 евра за оние со пониски квалификации и 800 евра со високо образование.
Платата од први јануари и во Хрватска се зголемува на 677 евра во нето-износ, во Србија ќе биде 454 евра. Ние од нашите колешки и колеги ги имавме овие информации уште на 1 Мај кога излеговме со нашето барање.
Нашето барање беше за да може граѓаните да си ги задоволат минималните потреби, тргнувајќи од тоа дека 23.000 денари се потребни за храна и пијалаци во кошничката на едно четиричлено семејство – вели Трендафилов.
Во однос на коментарите на работодавачите дека контрапродуктивно е административно, присилно зголемување на платите, без да расте продуктивноста, Трендафилов вели дека да не беа притисоците од Синдикатот за раст на минималната плата, сè уште ќе се делеа плати и по 10.000 денари.
Но, сепак, вели дека работодавачите во приватниот сектор со кој имаат дијалог – со Организацијата на работодавачи како социјален партнер и онаму каде што има синдикално здружување, нема работници со минимални плати.
– Работодавачите не прават проблем за раст на минималната плата, но прават проблем да го платат делот за задолжителното осигурување и според податоци на Меѓународна организација на труд , тие ја изигруваат државата со 250 милиони евра годишно, односно толку пари не уплатуваат во Фондот за пензиски и во Фондот за здравство, за невработеност – вели Трендафилов.
Тој информира и дека со Државниот инспекторат за труд имаат извонредна соработка, и дека има брза реакција во однос на поплаки, но забележува дека работниците се однесуваат индиферентно кога добиваат дел од платата на рака.
– За да нема „црни пари“ на рака, сметаме дека државата треба да им помогне на одреден начин за овој раст на минималната плата, односно оние што ќе имаат проблем да го исплаќаат зголемувањето, да добијат одредени финансиски субвенции за придонесите – вели Трендафилов.
Трендафилов е категоричен дека треба да завршат приказните дека македонските работници се непродуктивни, иако тоа е главна забелешка и од сите меѓународни институции.
– Во приватниот сектор завршија изговорите дека работниците не се продуктивни, особено ако ги погледате последните финансиски извештаи за претходната година, колкави енормни добивки имаат остварено компаниите. Па зарем работниците, ако не беа продуктивни, ќе успеаја на таков начин да остварат таков енормен износ на добивки.
Зборувам за тоа, покрај сè што е платено во тековната година сосе платите на работниците, да им останат толкави добивки.
Загрижува уште еден податок – Македонија можеби е една од ретките држави каде што меѓу 15 и 20 проценти се издвојува за плати од капиталот на работодавачите, а сè друго оди во нивниот џеб, додека во Европа тоа е некаде 60 до 70 проценти како сооднос – тврди Трендафилов.