
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Скерлев: Дали Бакингемската палата е направена со крвави пари?
Помеѓу XVI и XIX век повеќе од 12 милиони луѓе од неколку земји биле пренесени како робови во Америка. Нациите погодени од трансатлантското ропство долги години бараат репарации. Велика Британија должи околу 18,8 трилиони фунти за нејзината улога во трансатлантското ропство. Лидерите на Комонвелтот неодамна се сретнаа во Самоа каде што дискутираа за репарациите.
Препорачано
-Во Самоа се дискутираше за две важни работи првата беше климатските промени. Некој од помалите земји на Комонвелтот како што се Карибите може поради климатските промени да исчезнат, бидејќи се зголемува нивото на морињата, на океаните, а тие се мали острови се стравува дали ќе постојат за 10, 20, 30 години, Втората работа за којашто се дискутираше беше репарацијата. Во Велика Британија од аристократијата речиси и да не постои некој кој не заработувал од трговија со робови. Кралот Чарлс Втори имаше проценти во една од компаниите за транспорт на робови. Една од колешките наши од Гранада рече дека можеби и Бакингемската палата, која почна да се гради во негово време, дека е изградена со крвави пари од робовите – вели за „Слободен печат“ Жанета Скерлев.
Сега, земјите коишто биле жртви, од каде што се земале тие робови, бараат отштета за тоа што некогаш им се случувало. Досега само Холандија јавно се извинила за тоа што била една од државите кои пренесувала робови, но ниту една држава не платила отштета за стореното.
Од друга страна потомците на робовладетелските семејства не спијат мирно и ги гризе совеста за тоа што правеле нивните предци.
-Некои од луѓето кои се потомци на робовладетелите во Велика Британија го кријат своето потекло како змија нозе, други се обидуваат да ја исправат таа историска неправда. Една од колешките, Лора Тревелијан, минатата година основа здружение на потомци на робовладетелите. Вложи 100.000 долари свои пари и реши да ги обедини нејзините на некој начин сопаталци, другите потомци на робовладетелите и морам да забележам сите се некои високи банкари, пратеници, министри, угледни кој од кој поугледен, се обидуваат да ги исправат историските неправди- вели Скерлев.