
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ристевски: Од 100 милиони евра на ЕИБ, 30 милиони се наменети за зелени кредити
Од кога Европската инвестициска банка е присутна во Македонија? Дали нуди зелени кредити? Кои се условите под коишто се добиваат зелените кредити? Дали тие кредити се наменети за мали, средни или големи фирми? За што најмногу се заинтересирани фирмите? Одговор на овие прашања, „Слободен печат“ побара од Ловре Ристевски – проектен менаџер за имплементација на зелената линија на Европската инвестициска банка.
Препорачано
Ристевски вели дека ова е седма кредитна линија во вкупен износ од 100 милиони евра, од коишто 30 милиони евра се наменети за кредитирање во зелена енергија.
– Нашиот консултантски тим има задача да им помогне на финансиските институции кои истата кредитна линија ја пласираат, како и на компаниите кои аплицираат за неа, процесот од апликација до исплата да помине брзо, едноставно и без проблеми. Значи, самата зелена компонента на EИБ7 кредитната линија поддржува инвестиции, проекти во обновлива изворна енергија и во енергетска ефикасност. EИБ7 кредитната линија, со посредство на Развојна банка на Република Македонија, се пласира преку пет локални комерцијални банки, Комерцијална, Стопанска банка, АД Скопје, Шпаркасе банка, НЛБ банка и Прокредит банка – вели Ристевски.
Тој вели дека нема ограничување на големината на компаниите кој може да аплицира за оваа кредитна линија.
-Можат да аплицираат сите македонски компании, регистрирани во државава со таа разлика што кај малите и средни претпријатија максимален износ на кредит може да биде до 3,5 милиони евра, додека кај другите максималниот износ на кредит може да биде до 6 милиони евра. Се разбира, ова е максимален износ на кредитот, самиот просек на кредитите е многу понизок. Инвестицијата зависи од проектот, од обемот на проектот и од самата цена на проектот – вели Ристевски.

Тој објаснува дека заедничка е и каматната стапка, која може да биде максимум до 3,5% на годишно ниво. Самиот кредит може да биде во рок на враќање до 12 години, со две години грејс период. Овие услови се стандардни и фиксни за сите компании, без разлика дали се тоа мали и средни или големи претпријатија.
– Кога една фирма има идеја да вложува во проекти од обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, најатрактивен, најпластичен пример, една компанија сака да вложува во инсталирање на фотоволтаици без разлика дали за своите потреби или за продажба во мрежа, истата компанија се јавува кај својата банка. Аплицира за кредит за зелена енергија. Банката си прави проценка на кредитното барање од финансиска гледна точка и истото го одбива или одобрува ако е за нив прифатлива инвестиција. Барањето, кога ќе биде одобрено, доаѓа до нас и нашиот консултантски тим од технички аспект го обработува самото барање и гледа дали тој проект е прифатлив согласно условите за прифатливост на кредитната линија на ЕИБ – вели Ристевски.
Тој вели дека потоа прават процена, го анализираат секое барање посебно, и тие барања коишто се прифатливи, за истите ја информираме конкретната локална банка и, се разбира, и Развојната банка на Р. Македонија.
– Зелените кредити се многу интересни за компаниите поради цената на самата енергија којашто е висока и значително влијае на профитабилноста на компаниите. Во последната година 84 случаи беа проценети во купен износ на проекти од 43 милиони евра, од нив 64 случаи беа оценети како позитивни во вкупен износ од 34 милиони евра. Досега се исплатени 27 проекти во вкупен износ од 15 милиони евра – вели Ристевски.