Огнен Марина/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Проф. д-р Марина: Архитектонскиот факултет во Скопје слави 75 години од основањето

Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје прославува 75 години од основањето, односно почеток на работата на Техничкиот факултет во Скопје, кој е еден од најстарите факултети во нашата држава. Утрово за големиот јубилеј на факултетот во емисијата „Слободен печат“ разговараме со деканот на факултетот, проф. д-р Огнен Марина.

– Денес овој повод го искористивме за да се присетиме на луѓето коишто го основале факултетот, луѓето кои се заслужни за сето она што денес факултетот го претставува. Во тој период, 1949 е специфично едно време кога голем број колеги, професори, но исто така и архитекти од целиот југословенски простор пристигнуваат во Скопје за да го основаат, односно да помогнат во создавањето на Архитектонскиот факултет. Целта е на некој начин да се фокусираме не толку на минатото, туку на квалитетот и вредностите коишто тие луѓе ги вградиле во нашиот Факултет, во нашиот Универзитет и во нашето општество – вели Марина.

Тој објаснува дека најголемиот дел од објектите коишто можете да ги видите во Скопје, па и во целата држава, се проектирани, замислени и изградени од тие исти архитекти и токму затоа е важно на некој начин да се потсетиме на тие вредности, на начинот на којшто тие делувале и како можеме тоа да се обидеме да го продолжиме и во иднина.

Огнен Марина/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

– Јас би издвоил само некои од објектите како Работничкиот дом „Кочо Рацин“, кој е дело на професорот Славко Брезовски. Тој е творец и на објектот на југословенската амбасада во Бразилија. Го имаме и Градскиот трговски центар каде што екипата е предводена од професор Живко Поповски. Понатаму, студентскиот дом Гоце Делчев, Архивот на град Скопје, коишто се од професор Георги Константиновски и низа други коишто придонеле за создавањето на современата архитектура во нашата држава – вели Марина.

Деканот вели дека е направено интерно истражување со кое дошле до еден за него фантастичен податок.

Огнен Марина/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

– Не повеќе од 150 професори, наставници и соработници биле вклучени во наставата, односно, ги образувале фактички сите генерации на архитекти, урбанисти и сè она што архитектите работат во изминатите 75 години. За мене беше тоа фасцинантно, затоа што знаете, 150 луѓе се потребни да создадат една архитектура, на цела една држава, којашто го гради идентитетот, којашто е основата за идентитетот на секое општество.

На Архитектонскиот факултет на сите три циклуси на студии во изминатите 75 години дипломирале, магистрирале и докторирале повеќе од 7.000 студенти.

-Тоа се истите тие коишто и денес ја градат, односно ја замислуваат и ја проектираат и ја градат архитектурата на нашата држава – вели Марина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот